Skip to main content

Зголемена потреба од крв во Охрид во летните месеци

Од Црвениот крст од Охрид кои се јавуваат како организатори на крводарителските акции, велат дека препораките од Институтот за трансфузиона медицина за условите во кои се изведуваат акциите, резултираат со помал број на собрани крвни единици.

 |  Мишел Наумоски  | 

Потребите за крв во текот на летните месеци во Охрид зголемени. Во оваа насока говорат и бројните јавни повици кои може да се видат по социјалните мрежи и медиумите, а во кои се бараат одредени типови на крв кои можат живот да значат за некои наши сограѓани. Зголемената потреба на крвни единици ја потврдуваат и од Одделот за трансфузиологија од Охрид од каде велат дека карактеристично е за летниот период да има зголемена потреба на крв и крвни продукти. Д-р Соња Србакоска, трансфузиолог во овој оддел, вели дека потребите се однесуваат на сите групи на крв, но д-р Србакоска децидна дека успеваат да ги покријат потребите.

krvodaritelska akcija„Во летниот период потребата од крв во Охрид се зголемува и тоа од повеќе причини, поради туристичката сезона имаме доста туристи, така и бројот на луѓе се зголемува во летниот период, а исто така бројот на крводарителските акции во летниот период се поретки затоа што училиштата не работат, факултетите не работат, вработените луѓе користат летни одмори, но сепак успеваме да обезбедиме доволно крв, да ги задоволиме потребите на болницата.“-рече д-р Соња Србакоска-трансфузиолог во Оддел за трансфузиологија-Охрид

potrebi krvд-р Србакоска вели дека во текот на летните месеци за потребите од крв се снаоѓаат со барање на крводарителите по телефон, а не ретко, оние кои се редовни крводарители и сами доаѓаат во Одделот за да дадат крв. Доколку имаат недостаток на конкретна крвна група за тоа се обраќаат до регионалниот центар за трансфузиологија во Битола од каде крвта се транспортира со возило на центарот. Од Црвениот крст од Охрид кои се јавуваат како организатори на крводарителските акции пак, велат дека со препораките кои минатата година ги донел Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, во голема мера им се ограничил бројот на крводарителски акции но и бројот на собрани единици бидејќи истите веќе не смеат да се одржуваат на отворено. Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид, вели дека секоја здравствена институција со новиот реформиран систем на крводарување, за своите потреби од крв мора да се обрати до соодветните трансфузиони служби.

akcija krvodariteli„Сите оние барања кои што ги имаат здравствените установи за потребите, дали операции, хемотерапии и други потреби на пациентите сите тие барања тие треба да ги проследат до соодветните трансфузиони служби и да обезбедат навремено доволни количества крв за да ги опслужат пациентите. Да не се случува како што се случува за жал многу често да пациентите сами доаѓаат во Црвениот крст или одат по луѓе да бараат да даруваат крв за нивните потреби. Се знае процедурата каква е и ние апелираме од Црвениот крст да тоа се почитува иако досега сме излегле во пресрет на секое барање, потреба на пациентите, дали преку личните контакти, дали преку трансфузиолошките служби да ги обезбедиме тие крвни продукти.“-рече Точков.

Вонредна крводарителска акција беше одржана минатиот месец, а една е закажана за 9ти август, онаа традиционалната која години наназад се организираше за празникот Св.Климент, а се одржуваше два дена. Од лани, таа се одржува само на 9ти и во просториите на ОУ „Св.Климент Охридски“. Во просек, во текот на една година, во Охрид имало потреба од 1600 до 1800 единици на крв. Да се надеваме дека отскокнувањата од просекот во текот на летниве месеци нема да бидат преголеми.