Зголемени потребите од кислород во болниците во Охрид и Струга
На кислородна поддршка се ставаат поголем број пациенти кои се лекуваат од Ковид 19 во охридската и струшката болници. Во двете болници се зголемени потребите од кислород за лекување на овие пациенти, но и на болните на другите оддели. Болниците во моментов имаат доволни количини кислород.
Зголемени се потребите од кислород за лекување на пациенти болни од Ковид 19 во двете општи болници во Охрид и Струга. Лекувањето во охридската болница сега е на задоволително ниво, информира д-р Горан Балевски, директор на Општа болница Охрид. Мојата заложба беше болницата да е во целосна функција. Покрај, пациенти од Ковид 19, мора да се лекуваат и пациентите на останатите оддели. Во болницата, на специјалистите инфектолози на помош им доаѓаат со ротација колегите интернисти и сестри од хируршкиот оддел. На одделот каде што се третираат пациенти позитивни на Ковид 19 во моментов има 24 пациенти. 13 од нив се со потврден статус на вирусот, а за 11 се чекаат резултати. Потребите од кислород им се во пораст.
„Изминатиов период од 4-5 месеци не сме биле под 6 пациенти кои биле на кислородна поддршка .На одделот за Инфективни болести носиме боци за пациентите. Добивме 5 атерати кои сами произведуваат кислород и со кои се зголемува концентрација на кислород во воздухот, ги користиме на одделот кај што се сомнителните пациенти . Имаме доволно резерви на кислород“, напоменува д-р Балевски.
Во струшката болница веќе два месеци се лекуваат пациенти од Ковид 19 иако нема Инфективно одделение, информира директорот Мухамед Асани. На Интерното одделение во моментов се лекуваат 11 пациенти, а за 4-ца суспектни се чекаат резултати од земените брисеви. Двајца се со потешка клиничка слика од позитивните пациенти. 90 посто од болните се на кислородна поддршка, кажува директорот Асани. Три пати повеќе е зголемена потрошувачката на кислород од вообичаено, вели директорот на струшката болница.
„За другите проблеми успеваме да ги менаџираме досега работиме во нормални услови. Имавме проблем со кислородот сите оддели не се на централен довод на кислород. Дел од болницата е на централен довод, а останатите оддели се снабдуваат со боци. Зголемени се количините за добивање на кислород. Ситуацијата е под контрола“.
Директорот на струшката болница Асани, вели дека го скратиле времето на чекање на резултатите од земените брисеви. Организиравме специјална екипа за земање брисеви, со наша кола секојдневно ги транспортираме брисевите во Ману. Резултатите ги имаме веќе во вечерните часови, вели д-р Асани. Директорот информира дека и во кругот на нивната установа ќе биде поставена монтажна болница, една од 16 -те болници, кои ги набави Министерството за здравсто за лекување на болни од Ковид 19 за повеќе општини во земјава.