Skip to main content

Седница на Совет на Општина Охрид

Зголемени средствата во буџетот на Општина Охрид за експропријација на земјиште

Општината ќе решава проблеми со простори кои ги користат јавните претпријатија, а за кои приватните сопственици бараат земјиштето да им се плати или врати во владение. Во спротивно најавуваат тужби.
 |  инфодеск  | 
Нискоградба

Зголемени средствата за експропријација на земјиште во Програмата за уредување градежно земјиште за 2023 за околу 7 милиони денари. Советниците побараа подетални информации за планираните експроприации на општината.


„Дали се знае како ќе бидат наменети овие средства односно каде се планира да се изврши експропријација бидејќи има заинтересирани граѓани кои прашуваат, кои немаат пристап до објектите во коишто живеат.“ – праша Живка Ангелоска – координатор на советничка група на СДСМ.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески објасни дека причина за префрлање на 7 мил. денари за експропријација е проблемот кој општината го има со просторот каде се наоѓа Р.Е Механизација на ЈП „Охридски Комуналец“. Приватните сопственици на земјиштето бараат работната единица да биде целосно отстранета, во спротивно најавуваат тужби. Тие и во минатото повеле судски спор со барање да им се плаќа закупнина, кој бил прекинат и сега планираат одново да го отворат.

„Истовремено од страна на сопственик на околу 2000м2 во просторот каде што е дворот на ЈП Нискоградба и се користат од претпријатијата Нискоградба и Водовод и е исто така приватна сопственост, од страна на приватниот сосптвеник во два наврати доставено е барање со опомена пред тужба, или да извршиме експропријација или да го ослободиме и да им го вратиме владението. За да не влегуваме во судски спорови одлучивме да намениме средства за експропријација, за тој дел што е во Нискоградба кој и покрај тоа што го користи Нискоградба фаќа дел и од сообраќајница. “– кажа Китески.

Р.Е Механизација ќе биде префрлена во кругот на Нискоградба. Со сместување на механизацијата на трите јавни претпријатија Охридски Комуналец, Водовод и Нискоградба на просторот кој ќе се експроприра, општината сака да избегне два судски спора кои се извесни и кои негативно ќе се одразат врз финансиското работење.