Skip to main content

Обезбедена е вода преку привремено решение

Зградата кај Касарна Хаб без водоводна мрежа

Иновативниот хаб е дел од проeктот на Општина Охрид, Ohrid Go, кој се финансира од ИПА II програмата, ЕУ за општините.
 |  инфодеск  | 
Касарна хаб

Зградата во поранешната Kасарна во која функционира Центарот за паметни идеи „Касарна Хаб“ нема приклучок на водоводна мрежа.

Хабот, кој спроведува активности веќе два месеци, за своите потреби обезбедил вода преку привремено решение. Цревото со кое во моментов се снабдува просторот со вода не ги задоволува стандардите и може да се смета дека водата која тече од чешмите во хабот е техничка, а не обезбедува ниту доволен притисок за проток низ цевките низ целиот објект.

Иновативниот хаб е дел од проeктот на Општина Охрид, Ohrid Go, кој се финансира од ИПА II програмата, ЕУ за општините.

Во зградата покрај Касарна Хаб треба да започне со работа и првиот Младински центар во Охрид чие постоење на територија на Општината е наложено со Закон, а во претстојниот период во зградата треба да започне да функционира и Центарот за деца со церебрална парализа.

ТВМ побара информација од Локалната самоуправа: 

-Зошто Касарна Хаб се снабдува со вода преку импровизиран привремен приклучок?

-Кога ќе биде регулирано водоснабдувањето на објектот? 

Оттаму ни беше кажано дека нема да одговорат на овие прашања.

Останува да видиме кога општината ќе обезбеди еден од основните комунални услови во оваа зграда која треба да биде место од кое ќе се генерира развој на локалната економија преку иновативни бизниси, место за собирање млади луѓе, грижа за младите и младинските политики и грижа за лицата со посебни потреби.