Skip to main content

Згрижувачки семејства во Охрид се бројат на прстите од една рака

Охридските семејства и понатака не покажуваат  голем интерес  за згрижување на деца без родители. Министерството за труд подолго време води кампања  овие деца  љубов и грижа  да добиваат вон  институциите.  

 |  Валентина Неловска  | 

Во Охрид и понатака нема интерес за загрижување на деца без родители. Згрижувачки семејства во Охрид кои се одзвале на повиците на Министерството за труд и социјална политика и кои прифатиле деца без родителска грижа се бројат на прстите од една рака , информира Ајтен Мусли директор на Центарот за социјални работи.

Многу е мал бројот ,има само три семејства. Понекогаш се менува таа бројка , но има наши штитеници во Прилеп, Крушево, Струмица деца без родителска грижа сместени во згрижувачки семејства. Кај нас е многу малку имаат по 2 – 3 деца згрижено, “ напоменува Мусли.

  
Според програмата на Министерството за труд и социјална политика, до 2020 година сите деца на возраст од три години, треба да се извадат од институциите и да бидат сместени во мали групни домови, згрижувачки семејства или во друг вид соодветно сместување. Минатата година во земјава над двеста деца помали од три години, деца со попреченост и деца кои се одделени од своите родители поради злоупотреба или насилство се згрижени во големи институции во земјава.

„ За згрижување на деца без родителска грижа има еден износ кој сега е малку покачен за да се мотивираат да згрижуваат деца ебз родители родителска грижа. Министерствот ги укина домовите и направи станбени куќи во кои социолози, психолзои и педагози работат со нив“, вели директорката.

Надоместокот за сместување во згрижувачко семејство на дете без родители и родителска грижа изнесува од 8.550,00 денари, за дете со воспитно-социјални проблеми 9.870, денари, а надоместокот за сместување во згрижувачко семејство на дете со умерени и тешки пречки во менталниот развој околу 11.500,ден.

Децата по добивање полнолетство добиваат од држвата 180.000 денари за да почнат самостоен живот.