„Жена домаќинка“ по седми пат во Охрид
Манифестацијата „Жена домаќинка“ и годинава традиционално ја отпочнува сезоната во хотел Далјан во Охрид. Претставнички од понежниот пол од 18 општински здруженија на глуви и наглуви лица и годинава по добро познати правила и пропозиции ќе се докажуваат на полето на кулинарството. Некои од нив ќе бидат прогласени за најдобри а на крај сите ќе ги дегустираат деликатесите кои ги подготвиле за оваа прекрасна манифестација.
Денес од хотелот Далјан се ширеше пријатна миризба на вкусно подготвена домашна храна. Вредните раце на жените од општинските здруженија на глуви и наглуви лица од целата држава и годинава ќе се докажуваат подготвувајќи традиционални македонски специјалитети по добро испробани рецепти. Претседателот на Националниот Сојуз на глуви и наглуви лица на РМ, Васко Марков рече дека голем бил интересот за оваа манифестација, додавајќи дека глувите жени се опасни мајстори во кујна.
„Ова е натпревар каде што се прават и благи и солени специјалитети има награди, пехари, три награди и за секоја жена поединечно, бидејќи глувите многу се радуваат. Пехарите остануваат во здруженијата, а наградите се за учесничките кои ги понесуваат. Во Охрид убаво е да се организира една ваква манифестација, посебно во хотелот Далјан “
Менаџерот на хотел Далјан Славица Стефаноска истакна дека секоја година глувите жени знаат да изненадат со интересни кулинарски специјалитети.
„Има многу интересни работи кои што се подготвуваат. Има овошна торта, солени специјалитети, салати интересно аранжирани, бидејќи беа велигденските празници па нешто во стилот на Велигден, имаа специјалитети од поединечните градови, пример прилепчанки ќе го прават познатиот ширден, охриѓани се подготвуваа да прават ѓомлезе, но поради временските услови го одложија за другата година, оваа година ќе подготвуваат друго. Убава манифестација која што има убав одзив кај нашите членки бидејќи ова е можност да дојдат во Охрид да поминат еден викенд“
Покрај готвењето глувите жени знаат многу убаво да се дружат нагласува Стефаноска. Додава дека кога се во Охрид ги забораваат сите свои семејни обврски и се посветуваат на дружбата, на размена на рецепти и прошетка по прекрасниот туристички бисер.
Инаку манифестацијата „Жена домаќинка“ во Охрид се одржува по седми пат.