Жители на дел од Туристичка бараат асфалтирање на пат и осветлување
4 децениски проблем ги тишти жителите на два станбени комплекси на Бул „Туристичка“, во близина на стара царина. Тие реагираат дека користат едно патче кое не е асфалтирано, кога врне се собира вода, а ги искршиле и автомобилите по дупките. Проблемот ќе се реши, ветуваат од Локалната Самоуправа.
Незадоволни жители од Бул „Туристичка“ во близина на стара царина Охрид, реагираат до Секторот за комунални дејности, дека за да стасаат до нивните станови ги кршат автомобилите по како што кажаа импровизираното земјено и неасфалтирано патче. Од овој проблем засегнати се околу 90 станари кои по истиот пат поминуваат до влезот на нивните стнови и гаражи. Како што кажа Горан Љубисављевиќ жител на овој дел, тие пред две недели се обратиле до секторот за комунални дејности, улици и патишта со барање да им се асфалтира пристапното патче, сметајќи дека станува збор за мал зафат бидејќи таму веќе е присутна механизацијата која ги асфалтира тротоарите во тој дел.
„Тие ветуваа, дојдоа машини еве овде завршија асфалтираа, но вчера дојдоа луѓе од Комуналец почнаа да обележуваат просторот да отвараат дупки за да можат да насадат дрва. Сметам дека асфалтот што ќе биде изваден ќе биде фрлен наместо да се употреби и да се реши нашиот траен проблем“ – вели Љубисављевиќ.
Зградите се изградени во осумдесеттите години, пренесува Љубисављевиќ. Додава дека од тогаш до ден денес ништо не било преземено. Тој кажа дека и при најмал дожд се прават бари и пешки тешко се поминувало. Од Секторот за комунални дејности, велат дека проблемот е реален и ќе биде надминат, но не во оваа фаза кога се асфалтираат тротоарите. Портпаролот Љупчо Танески вели дека Локалната самоуправа е одговорна и проблемите на сите граѓани подеднакво ги третира.
„Како одговорна власт и како Сектор кој подеднакво се грижи за граѓаните од сите делови од територијата на општина Охрид, ќе направиме напори за брзо време да биде асфалтирано и ова мало уличе од 40 метри кое што води до соодветните станбени згради се со цел граѓаните да го немаат во иднина тој проблем“
Граѓаните од оваа улица укажаа дека имале поднесено барање и за улично осветлување, потребно било да се постават една или две светилки, бидејќи навечер било темно и не се гледа, но и редовно плаќале надомест за улично осветлување, кое го немаат.