Skip to main content

Жителите од „Ванчо Питошески“ и „Мирче Ацев“ бараат итна санација на раскрсницата

Повторно по санација на проблем од градски „Водовод, граѓаните сведочат на раскопани улици и до месец дена потоа. Жителите велат дека улиците претставуваат опасност во сообраќајот и бараат итна санација.

 |   | 

На пресекот од улицата „Ванчо Питошески“ со улица „Мирче Ацев“ како што велат граѓаните, потегот е оставена ископан речиси еден месец , по интервенција од ЈП „Водовод“. Револтот кај жителите на овие улици се зголемува по инцидентот кој се случил за време на невремето минатиот викенд кога автомобил останал заглавен во дупката на самата улица. По интервенција на полицијата по инцидентот била поставена сообраќајна сигнализација, но сега и таа е отстранета, а дупките делумно се покриени со песок. Раскрсницата претставува опасност во сообраќајот и за локалното население, ама и за гостите кои незнаејќи за проблемот честопати заглавуваат со автомобилите.

-Поминати се повеќе од месец дена, никој не е јавен, никој не е дојден. Имавме ние во петокот и саботата голем проблем кога беше невремето. Целата земја од шахтата беше тргната и покрај тоа наполнета со вода. Во саботата вечерта имаше и две возила коишто имаа сообраќајни несреќи и имаше интервенција од полиција. Местово воопшто не беше означено или сигнализирано дека тука се работи и дека има некаква градба Значи ние улицата, да се врати улцата онака како што беше.-вели Стојан Ѓорески, жител на улица „Мирче Ацев“.

-Секој ден поминуваат возила, некои несовесни шофери со голема брзина креваат прашина, а таа прашина оди во куќите. Како се прокламираме како туристички град кога улиците ни се катастрофални, инфраструктурата никаква. Бараме што по итно да се санира оваа состојба да немаме вакви проблеми во иднина.-истакна Зоран Целески, жител на улица „Ванчо Питошески“.

Од Општина Охрид велат дека проблемот ќе биде решен во најбрз рок и апелираат на уште мало трпение од страна на граѓаните, бидејќи како што велат од таму станува збор за период во кој има многу градежни зафати низ градот.

-Се работи за водоводна инсталација. Од ЈП „Водовод“ не информираа дека се завршени тие градежни работи од нивна страна и останува ние да санираме. Но, овој период е период во кој што се работи на повеќе локации и од секторот за сообраќај и улици информираа дека во текот на наредните денови, најдоцна до крајот на наредната недела потегот на таа улица ќе биде саниран, односно асвалтиран и сообраќајот непречено ќе се одвива.-изјави портпаролот на Општина Охрид, Томе Џамтоски.

Претходно до ТВМ реагираа жители од други локации во градот со ист проблем. Тогаш директорот на ЈП „Водовод“ појасна дека задоцнетото поправање на улиците по интервенција на претпријатието се должи на тоа што избраната фирма за таа намена е од Мала Речица и не ги извршува навремено обврските. Тогаш од директорот Светозар Стефановиќ беше кажано дека доколку продолжи ваквиот однос на избраната фирма ќе и биде раскинат договорот.

Сликите беа испратени во склоп на „Ти си твојот град“.

 

Новинар : Кристина Алексиеска