Жители од Видобишта бараат пристапен пат
Изменет урбанистички план внесе раздор и немир меѓу соседите во населбата Видобишта. Ѓурчин Стојкоски, еден од засегнатите жители на оваа улица, тврди дека повеќе семејства користат пат во должина од околу 150 метри кој го има во нивните имотни листови. Нивните соседи пак, кажуваат дека на добра волја им дозволуваат да го користат патот кој е во нивниот имот. Сменетиот план покрај тоа што предизвикува спор за користење на пат за влез на повеќе семејства до домовите повеќе од две децении, им предизвикува и потешкотии во нормалното живеење со лошата комунална инфраструктура. Стојкоски од локалната самоуправа бара решение за комуналниот проблем, од кој трпат последици семејствата кои живеат на овој крак од улица Ристо Чадо.
„Барам да ми се најде решение и пат да влезам во мојата куќа.Ако урбанизам го решава проблемот на соседот нека ми обезбеди пат каде да врвам. Ова е мој пат“, вели Стојкоски.
Жителите бараат локалната да постави тампон или бекатон на патот во должина од 150 метри кој го користат додека трае спорот поради кој тие се оставени без пристап до патот кој е зацртан во урбанистичкиот план. Покрај тоа, што газат низ кал се соочуваат и со тоа што до нивните домови немаат приод камионите за собирање на комунален смет, како и возилата од пожарна и брза помош, раскажува Стојкоски.
„Да не газиме по кал. Искршивме коли. Проблемот што го имаат луѓето нека си го решаваат преку суд и урбанизам да го реши проблемот бидејќи ние плаќаме комуналии.Не може да влези ни брза помош. Преку ограда ги носиме болните“, кажува Стојкоски.
Жителите од овој крак на улицата Ристо Чадо се соочуваат со овој проблем повеќе од две децении. Досега, ниту една локална власт не успеала да го реши комуналниот проблем кој создава нервоза меѓу жителите и го отежнува секојдневието, подвлекува Ѓурчин Стојкоски.