Жителите на Сирула конечно ќе газат асфалт до селото
Патниот правец Вапила-Сирула свечено пуштен во употреба.
Свечено пуштен во употреба реконсруираниот и новоизградениот пат кој води до Сирула. Градоначалникот Бакрачески заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и рурален развој, Тони Димовски денес го посетија ова рурално место на христијанскиот празник „Свети Никола“ чие име го носи и селската црква.
Мештаните велат дека го добиле најубавиот подарок за денешниот празник.
„Да се заблагодариме на локалната самоуправа на чело со градоначалникот Никола Бакрачески кој се заложи и Агенцијата за поддршка на руралниот развој кои ни дадоа средства, ги употребија кај нас, за ваков пат. Ние сме многу благодарни како селани и не можеме да заборавиме на ваква помош. Сами изградивме црква, донесовме водовод на кој се приклучија дваесетина домаќинства. Сами го донесовме, но ни треба уште еден резервоар од 20ина тони, ништо друго не ни треба за селото.“-вели Иван Наумоски-жител на с. Сирула.
Градоначалникот Бакрачески смета дека реконструкцијата на дел од патот и изградбата на втората половина од патниот правец Вапила-Сирула е можност за поголем развој на овие рурални подрачја.
„Беа за таа намена доделени 23.500.000 денари од кои 18.207.000 денари се искористија за изградба и реконструкција на овој пат и тоа 1707 метри за реконструкција на постоечкиот пат кој беше доста оштетен и уште 2394 метри изградба на сосема нов пат со што изградивме услови за иден развој на овие две населени места и секако пред се на селото Сирула кое оскудуваше долги години наназад, немаше пристапен пат до селото кој верувам дека ќе отвори нови можности за севкупен развој на ова село.“-рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Според директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и рурален развој, Тони Димовски, соработката помеѓу нив и локалната самоуправа од Охрид не запира тука.
„Со упорноста и успешно подготвените апликации беа одобрени и веќе сме сведоци на реализацијата на овие проекти. Инаку станува збор за 1 од 134 проекти кои се одобрени од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој токму во функција на подобрување на квалитетот на животот во руралните средини. Убеден сум дека и во наредниот период општина Охрид со својот градоначалник ќе бидат повторно корисници на средства од програмата за рурален развој.“-изјави Тони Димовски-Директор на Агенција за финансиска поддршка на земјоделие и рурален развој.
Инаку остатокот од вкупно добиените 23.500.000 денари преку агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, биле употребени за изградба на осум пристапни патишта во село Косел.
{loadposition content9}