Skip to main content

Водоснабдување

Жителите на Долно Лакочереј сакаат квалитетно снабдување со вода

Жители од Селото Долно Лакочереј, се жалат на проблем со снабдувањето на вода за пиење и со квалитетот на водата, во деновите кога ја има. Првиот човек на ЈП „Водовод Охрид“ Марјан Ристески информира, дека станува збор за поголем дефект со пумпите, кој веќе е решен. Жителите на селото уште од денес ќе имаат соодветно водоснабдување. Сашо Точков од Центарот за јавно здрајве информира дека во селата Долно и Горно Лакочереј анализи се извршени на 10-ти,11-ти Јули и водата е со одличен квалитет.
 |  Голабовски Крсте  | 
Долно Лакочереј вода

Делови од охридското село Долно Лакочереј деновиве без вода. Жителите кои живеат во повисоките делови од ова село револтирани, велат дека  мака мачат да се справат со извршувањето на основните потреби. Вода за пиење купуваат, а за технички потреби носат вода од селската чешма. Тешко е да се живее на овие температури без вода, велат тие.

„Добиваме, 4 месеци во годината редовно вода, 8 месеци ги немаме. 160 куќи што живеат тука, 300 до 400 лица во просек, дел од нив заминуваат од вакви проблеми. Еве денес нема ни струја.“ – вели Горан Сотироски – жител на Долно Лакочереј.

„Долг период како воопшто немаме вода. Периодот кога ќе дојди прво водата е матна, па притисок, воздух, доаѓа вода се губи и трае два пати дневно по еден саат. “ – вели Милчо Петрески.

„Вода од селската чешма Миливоец, повеќе и купуваме вода за сопствени потреби, а за во ВЦ од Миливоецот или кога ќе дојди вода полниме во буриња, за да одиме во ВЦ. “ – кажува Митрески Ристо.

„Плаќаме вода, а притисок само, немаме ни вода, само воздух плаќаме. И да дојдит, пуфтат, ти се чинит и казанче ќе одлетат и бојлер и машини, ништо не мојме да уклучиме.“ – вели Воскра Сотироска.

Велат дека за проблемот уште пред една година реагирале и до градоначалникот и до раководството на ЈП „Водовод Охрид“, но решение не било најдено. Додаваат дека редовно си ги плаќаат сметките и сакаат квалитетно снабдување со вода.

За случајот го контактиравме директорот на ЈП „Водовод Охрид“ Марјан Ристески, кој информира, дека проблемот со водоснабдувањето во ова село е резултат на поголем дефект со пумпите, кој веќе е решен. Жителите на селото уште денес ќе имаат соодветно водоснабдување. Во период кога се апелира за совесно кроситење на водата, Ристески најави и дека во соработка со инспекторатот отпочнат е увид за тоа како се користи водата во овој дел од Охрид.

„Нашите служби излегоа на терен. Утврдено е прегорување на потопната пумпа. Истата е извадена. Набавена е нова пумпа. Поставена . Меѓутоа во овој период се прави плакнење на самиот бунар и се надевам дека во текот на денов ќе се стабилизира снабдувањето со вода во Долно Лакочереј. Нашите луѓе веќе неколку дена се на терен, токму на потегот на Горно и Долно Лакочереј, ќе се сумираат и ќе видиме какви се податоците од терен. (лепи) 03,04„Во консултација со комуналните инспектори, онаму каде има материјал ќе се поднесе или кривична или прекршочна постапка за оние коишто ја злоупотребуваат водата.“ – вели Ристески.

Што се однесува до информациите за квалитетот на водата во овие села,  Сашо Точков, директор на Центарот за јавно здрајве, информираше дека резултатите од тековните испитувања за квалитетот на водата во ова село зборуваат дека водата е соодветна за пиење.

Сашо Точков

„Ние вршиме континуирана контрола на квалитетот на водата во Градскиот водовод и во селата приклучени на градски водовод и имаат сопствен водовод. Во селата Долно и Горно Лакочереј анализи се извршени на 10,11 Јули и водата е со одличен квалитет. Имаме хлорирана вода, дезинфицирана, немаме никави наоди на патогени бактерии. Во летниот период имаме почесто пријави од жители на овие села дека водата е матна, црвеникава. Тоа се должи на зафати кои доколку не се официјални, најавени од Водовод Охрид“,  се од некои неодговрни луѓе кои на сопствен ризик, на сопствена рака вршат диво приклучување како го нарекуваат луѓето.“ – вели директорот на ЦЈЗ.

Точков со апел до жителите кои гравитираат во овие села, доколку приметат дека водата од чешмите е заматена да ја остават таа да истече. Но доколку е матна и после 2-3 минути да го информираат  ЈП „Водовод Охрид“ или ЦЈЗ Охрид.