Skip to main content

Жителите на Подмоље бараат санација на патот

Влезот во охридското викенд село Подмоље во очајна состојба. Жителите бараат санација на патот, се жалат им се оштетуваат возилата а сликата е лоша и за туристите. Од ЈП за државни патишта велат веќе се изработува техничко решение за санација на патот.
 |  инфодеск  | 
Подмоље пат

Жителите на охридско Подмоље бараат санација на патот. Се жалат, со години влезот во охридското село, денес современа викенд населба со над триста куќи и апартмани, е потполно руиниран.

Од огромните  дупки  на асфалтот им се оштетуваат возилата,  а сликата е лоша и за бројните туристи, кои го посетуваат главниот туристички центар.

„Тоа е едно парче не подолго од дваесеттина метри. Тоа не изискува некои огромни средства а угледот на Охрид ке биде сочуван бидејќи тој ни е бисер на Балканот и заштитен од Унеско. Се надевам дека ќе сторат нешто надлежните на прагот на Охрид е овој проблем и ќе се направи нешто” – вели Сашо Димитровски, сопственик на куќа во Подмоље.

Реконструкцијата на овој патен правец, пред влезот за Подмоље и Охрид  е во надлежност на ЈП за државни патишта.

„Ги молиме надлежните, тие се препукуваат општина Охрид вика не е во наша надлежност, ЈПДП вика тоа не знаеме. Работата е од тато на мама, мама на тато, детето без капа. Ако може за овие триста фамилии и охриѓани ќе ни бидат благодарни да се направи тој дел од патот”, вели Димитровски.

И оваа сезона поради изградбата на автопатот Охрид – Кичево, влезот во главниот туристички центар во земјава е во очајна состојба. Од ЈП за државни патишта велат веќе се изработува техничко решение за санација на тој патен правец.

Новинар Соња Рилковска