Да се живее поинаку
Снежана Џамбазова Попорданоска e доктор по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки и писател. Taa деновиве е во Охрид каде ја промовира својата најнова книга „Да се живее поинаку – Патување кон самореализацијата“. Станува збор за дело кое е еден неопходен животен прирачник кој ќе им помогне на луѓето да се спознаат себе си. Да го пронајдат значењето на животот, објаснува Попорданоска.
„Ова е дело кое што е наменето за сите. Бидејќи наша исконска потреба е да се спознаеме себе си затоа сме и овде нели? Меѓутоа, колку порано се тргне на тој пат кон себе спознавањето, толку подобро. Бидејќи тоа е вистинскиот пат кон еден вистински исполнет и значаен живот“ – ќе рече Снежана Џамбазова Попорданоска.
Делото е плод на долгогодишна работа на Попорданоска како психолошки советник со пациенти од над 100 различни култури, религии и националности низ светот. Таа со огромно трпение и емпатија го слушала плачот на нивните срца и сведочела на нивното емоционално страдање. Во текот на многуте индивидуални и групни терапевтски сесии, со голема посветеност им помагала на луѓето да го пронајдат својот внатрешен мир и да му се радуваат на животот.
„После сите овие 20 години на научна работа, дојдов до сознанија, а тоа го покажуваат и научни сознанија, дека мора најпрвин да се свртиме кон себе си. На прво место да го ставиме нашиот духовен пат, нашиот личен развој, а откако ќе се спознаеме себе си и ќе знаеме која е суштината на нашето постоење, ќе го најдеме тој извор на внатрешен мир, трајна среќа, којшто постои длабоко во секој од нас. Тогаш ќе знаеме дека живееме еден добро избалансиран живот, во кој материјалните потреби нема да бидат пред духовните“ – објаснува Попорданоска.
Попордановска вели дека годините на изолација за време на пандемијата и покрај трагедијата и стравот кои ги донесоа на човештвото, беа поттик за сите нас да се свртиме кон себе си, но и да шириме љубов и топлина околу нас, вредности кои доколку ги шириме можеме да создадеме еден поубав свет.