Златната соба најинтересна за посетителите
Златната маска и приказните за Златната соба се уште најинтересни и најпривлечни за туристите кои доаѓаат да го посетат Музејот Куќата на Робевци. После две годишен значителен пад на посетеноста поради пандемијата од Ковид-19, се чини дека работите конечно се движат во вистинска насока. Но, мал е бројот на домашните посетители.
„Околу 80% од посетителите на музејот се странски посетители, 20% се домашни македонски посетители, што можеби е еден поразителен податок. Но, со оглед на економската и целокупната ситуација во државата веќе подолг период, можеби и се подразбира зошто е тоа така“, вели Атанас Кипро- археолог и водич во Музеј, Куќа на Робевци.
Инаку претходната година, како пост пандемиска година да речеме се забележа зголемување на посетеноста. Исто така таа зголемена посетеност се забележува и во првите два месеци во 2023 година, што е еден показател што да се очекува во оваа тековна година, односно дека ќе го надминиме бројот на посетеност од минатата година – вели Кипро.
На приземјето се изложени епиграфски споменици од Охрид и околината, но и други вредни експонати. Во едното крило од првиот кат е сместена спомен поставката посветена на Робевци, изворните сопственици и градители на куќата, додека во другото крило во убави ветрини стилски наместена е етнолошката поставка. На вториот кат, во двете крила на оваа двојна братска куќа е археолошката поставка со „Златната соба“ и третиот кат е т.н Ширван или Охридската резиденција каде се изложени најдобрите примероци во резба изработени од познатите охридски мајстори, од познатата Охридска резбарска школа, која веќе не постои.
Охридскиот музеј има многу да понуди. Има три главни поставки, тоа се „Спомен поставката посветена на Робевци“, изворните сопственици и градители на оваа куќа. Потоа етнолошката и археолошката поставка и на третиот кат се изложени резби, репрезентативни дела на охридската резбарска школа. Инаку како најпривлечен експонат или дел на нашиот музеј е таканаречената „Златна соба“ во која е изложена последната петта златна маска од Охрид, откриена во 2002 година – посочи Кипро.
Ова впрочем претставува и тој магнет. Сите посетители кога ќе дојдат, прашуваат, дали во музејот е изложена златната маска.
Куќата на Робевци, која плени со својата убавина, е Музеј во Охрид, повеќе од седум децении. По Втората светска војна, во 1945 година, е заштитена како културно историски споменик, а пет години потоа е отворен Музеј. Во 1953 година зградата е национализирана и предадена на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид на трајно користење.