Златото на Лихнитида ќе биде изложено на денот на Св. Климент
Златото на Лихнитида ќе биде изложено на денот на Св. Климент.
Охриѓани за еден месец ќе го видат Златото на Лихнитида. Златната соба ќе биде отворена на 8 декември на Св. Климент, патронатот на градот. Припремите за отварање на поставката која ќе содржи 400 златни артефакти се во завршна фаза. Во моментов во печат е даден каталогот кој го работат археолозите Паско Кузман и Нада Почич Кузман, информира Тања Паскали Бунташеска. Во меѓувреме во Завод и Музеј ќе се вратат експонатите кои се отстапени на изложби дома и во странство.
Од јули златната маска, ракавицата и прстенот пронајдени во близина на Горна Порта се изложени во германскиот Државен музеј „Келтен ромер музеум“ во Манхинг, а од пред извесен период дел од охридските артефакти се позајмени и на Археолошкиот музеј во Скопје .
„ Во моментов дел од предметите се отстапени во археолошки музеј, но за отварање на Златната соба ќе бидат вратени назад и ќе бидат презентирани каде што треба во Златната соба. Дел од предметите се на изложба во Германија но во средината на овој месец ќе бидат вратени во Охрид. Имаме доволно време да ја припремиме и да ја организираме оваа долго најавувана изложба“, потенцира Паскали Бунташеска.
Тања Паскали Бунташеска кажува дека во Археолошкиот музеј во Скопје сепак еден дел од нивните еспонати ќе останат на подолго време. За оние артефакти кои ќе бидат изложени во Златната соба, дирекорката додава дека воделе посебно сметка за нивата сигурност.
„ Преземени се сите безбедносни мерки, комплетно се монтирани системите за обезбедување и сосема е загарантирана безбедноста на предметите кои ќе бидат изложени“, напоменува Паскали Бунташеска.
Златната соба со поставката на златните артефакти пронајдени на локалитетите во Охрид и охридско нема да влијаат на цената на влезниците во музејот. Цената ќе остане иста како и досега, 100 денари за возрасни и 30 денари за деца, за да може да ја видат што поголем број граѓани, подвлекува Паскали Бунташеска.
{loadposition content9}