Skip to main content

Инклузијата не е милостина, туку право на лицата со попреченост и одговорност на општеството

Инклузијата не е милостина, туку право. Секој човек има право на достоинствен, исполнет живот, да биде активно вклучен, поддржан и прифатен од општеството. Ова е пораката од отворениот ден во Центарот за лица со интелектуална попреченост Зраци Во Охрид. На Меѓународниот ден на лицата со попреченост уште еднаш беше упатен апел за решавање на статусот на ваквите центри, односно истите да бидат под државна капа.
 |  Маја Савиќ  | 

Меѓународниот ден на лицата со попреченост традиционално беше одбележан во Дневниот центар „Зраци“. Овој центар сместен во ОУ „Братство и единство“ за десеттина лица со интелектуална попреченост е втор дом, катче во кое поминуваат одреден дел од денот во дружба, активности и во совладување на вештини кои им помагаат да бидат посамостојни во секојдневниот живот.

Тие денеска во топла и празнична атмосфера заедно со своите родители и вработените во центарот упатија порака дека секој човек, без разлика на своите способности, има право на достоинствен и исполнет живот и дека инклузијата не е милостина туку право, а правата на секој еден граѓанин се одговорност на општеството.

Целта на отворениот ден е во буквална смисла целото општество во случајов општинава слободно може да дојде и да го посети дневниот центар, да се запознае со сите активности што тука ги извршуваме и што е најважно да се види дека и овие граѓани, лицата со попреченост се граѓани на ова општество како и сите други и дека и тие имаат потреба за свој простор, за свое друштво , да бидат дел од заедницата , што во суштина е и главната работа на овој дневен центар , колку што е возможно да ги подготвиме за посамостојно живеење, вели Зоран Костадиноски, дефектолог во Центарот.

Овој дневен центар постојано повторуваме дека ни е од непроценливо значење, прво тоа е можност за остварување на работен однос на родителите , да можат да работат и да придонесат во семејството и нормално за самите деца. Тие тука си се свои на своето , во своја средина и секако животот им е поразличен отколку да бидат само дома. Вака излегуваат, се дружат, секој си го барат еснафот, секој си е среќен во својот свет, вели Орхидеја Топенчарова, родител.

Дневниот центар постои повеќе од 20 години, додека пак Здружението на лица со попреченост годинава одбележува 40 годинишнина од формирањето. Проблеми има секогаш, но работиме долги години и успешно се справуваме во рамки на можностите, вели дефектологот Зоран Костадиноски. Тој потенцира дека низ годините евидентно е менувањето на јавната свест за овие наши сограѓани.

Секогаш одењето чекор по чекор напред со овај тип на проблематика е многу споро., но ете после повеќе од 20 години работа, мора да кажеме дека ако во почетокот кога ќе излезевме надвор чудно бевме гледани, сега можам да кажам дека кај луѓето се развива таа јавна свест. Јас не го сакам изразот со посебни потреби, тоа се луѓе кои ги имаат потребите како и сите ние , но се луѓе со попреченост кои тие потреби не секогаш можат сами да ги задоволат, е тука е потребна помош од Дневниот центар, општеството и другите луѓе. Ништо посебно немаат како потреби туку имаат потреба од дружење, за семејство, потреба за внимание како и сите луѓе, вели Костадиноски.

Центарот Зраци има значајна поддршка од Општина Охрид. Но за родителите и понатаму е проблем нерешениот статус на ваквите центри на државно ниво.

Голема чест и задоволство ни е што денеска сме во Дневниот центар Зраци на 3-ти декември Денот на лицата со попреченост. Општина Охрид дава континуирано поддршка на дневниот центар како и на останатите здруженија и невладини организации кои работат на полето на заштита на правата на лицата и децата со попреченост, вели Кети Росиќ, Раководител на Одделение за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Охрид.

Ние сме многу благодарни на локалната самоуправа и на сето тоа што се прави за да опстане дневниот центар , најважно за двете плати на вработените , другото ние родителите финансираме. Ние не бараме милостина , меѓутоа сакаме еднаш да се реши на државно ниво дневните центри, без оглед каде се наоѓаат да си влезат под државна капа, апелира Топенчарова.

Се уште не е решен статусот на родителите кои ги напуштаат своите професии за да се грижат за дете со посебни потреби, немаат ниту стаж, ниту примања. Само за споредба ако сте згрижувачко семејство за лице со посебни потреби имате многу повеќе права и добивате повеќе средства, посочува Топенчарова, родител на дете со попреченост.

Инаку, Дневниот центар „Зраци“ покрај тоа што овозможува престој исполнет со разни активности осум часа во денот, за своите штитеници организира и учество во бројни социјални и спортски настани и манифестации, прошетки и екскурзии, како и организирање на летни одмори.