Skip to main content

Бројни културни настани и манифестации остават свој печат на летната сезона 2025

Охрид културна ризница на настани. Бројни културни манифестации ќе остават белег на оваа летна сезона. Целта е збогатување на туристичката понуда и афирмација на градот Охрид.
 |  инфодеск  | 

Заврши Вино фестот, но следуваат Охридски поетски бисер, На зајдисонце во Трпејца, Поетска ноќ на Велестово. Во ек е манифестацијата Културата расте со децата. Сите овие културни збиднувања ја збогатуваат туристичката понуда и го афирмираат градот  Охрид. Настаните се спој на ликовна, книжевна, музичка и драмска уметност, но и одраз и промоција на културата.

Останатите следни настани очекуваме дека уште повеќе ќе донесат туристи. Настаните кои следуваат се сите дел од програмата за култура на Општина Охрид, ние имаме доста богата програма. Општината на прво место овие години ја вреднува културата бидејки таа е промоција и на самиот град, туризмот и на спортот и образованието и сите други сфери, вели Перчо Божиноски претседател на Советот на општина Охрид.

Културолошката иницијатива 5 до 12 ја збогати забавната сцена со повеќе настани, киното со автомобили, кафе на изгрејсонце и најголемиот настан староградската пловидба „Ој љубов љубов“ .

Нашата летна програма почна и заврши овие денови. Започнавме со дводеневен настан посветен на скејт културата, потоа кино со автомобили проекции три денови меѓу кои го имавме и првиот македонски хорор и долгометражен филм. Потоа јубилејна изложба, поетско читање и музички настап. Кафето на изгрејсонце е традиционално, и завршивме со сабота со настанот староградската пловидба, вели Леа Новеска од Културолошката иницијатива 5 до 12ч.

Оваа година манифестацијата Културата расте со децата посветена на најмладите ќе трае од април до крај на годинава.

-Проектот е конципиран така што секој петок да има соодветен настан за деца. Учесниците сами се пријавуваат, заеднички бараме место, време, локација зависно од културната содржина. Некогаш се одвива и во работните денови. Настаните ќе се одржуваат на сцената кај ТЦ Амам сите настани односно актерите, учесниците, времето се објавени на фејсбук страната и сите заинтересирани може да погледнат подетални информации за самиот настан, вели Весна Јовановска раководител на Сектор за култура.

Културните манифестации го промовираат не само Охрид, туку и помалите туристички места, ова лето традиционално ќе се одржи На зајдисонце во Трпејца и Културно лето во Пештани.

Новинар Соња Рилковска