Нецели два дена откако беше поставен, споменикот на Григор Прличев вандализиран.
„ Вечерва на 11-ти август, после нецели 48 часа од промоцијата, Паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само искривувања да нанесат на истите.“ , напиша синоќа на на Facebook , Проф. д-р Анис Сефиданис.
Случајот бил веднаш пријавен во СВР Охрид.
„На 11.08.2022 година во 19.30 часот, во СВР Охрид пријавено е насилно отстранување и одземање на 27 букви од дигиталниот споменик и на македонското знаме, лоциран на улицата „Коста Абраш“ во Охрид. Споменикот, сопственост на општина Охрид, потоа бил исклучен од електрично напојување. По насока на јавен обвинител, на местото на настанот, увид извршија полициски екипи. Се преземаат мерки за расветлување на настанот по што, ќе биде поднесена соодветна пријава.“- информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Проф. Сефиданис информира дека споменикот е времено надвор од функција и дека неговиот тим заедно со Општина Охрид активно работи на негово рестартирање. Се работи со безбедносните служби и на изнаоѓање начин како споменикот во иднина да се заштити од несовесни лица кои уништуваат јавни добра.
Дигиталниот паметен споменик преку кој на плоштадот на уметноста„Долна порта“ воскреснува Григор Прличев беше промовиран во средата. Футуристички споменик преку холографската технологија, тродимензионалниот мултимедијален интерфејс и просторната звучна акустика го потопуваат виртуелниот аватар на поетот во срцето на неговиот роден град. Иновативниот систем е изработен од страна на компанијата Сефиданис која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид.
Во целокупната реализација учествувал голем тим на лица од разни области под водство на Проф. д-р Анис Сефиданис а целата технологија се развивала на Суперкомпјутерот кој се наоѓа во лабораториите на Сефиданис.