Загрижувачка е состојбата со децата-питачи во туристичките центри во земјава. Во Охрид, не само во летната сезона, туку и за време на новогодишните празници, организирано се носат социјално ранливи деца од други градови. Злоупотребувачите од само едно дете на улица заработуваат од три до шест илјади денари на ден. Од здружението „Градиме иднина“ ги повикуваат граѓаните да не им даваат пари.
-Најчесто, за жал, тоа е ромската заедница, од социјално најранливите категории, приматели на социјална помош. Истражувањата покажуваат дека 18.500 деца не посетуваат училиште или детска градинка, вели Илија Јовановиќ од здружението „Градиме иднина“.

Питачењето е сериозна злоупотреба. Голем број од жртвите немаат документи, немаат пристап до здравствена заштита. Потребно е отворање на дневни центри за згрижување на децата-жртви.
-Апелирам до градоначалниците, особено до градот Охрид, да го решат проблемот со питачењето, да отворат дневни центри и да се грижат за децата – од образование и социјална грижа до вработување, за да станат конкурентни на пазарот и да не бидат штета за граѓаните, велат од здружението.

Во изминативе две години 145 деца се спасени од улица, а полицијата поднесе 236 кривични пријави против лица што ги злоупотребувале, вклучувајќи случаи на проституција и други форми на експлоатација.
Новинар: Соња Рилковска