Од Плаошкиот манастир известуваат дека сабота, 22 ноември, ќе се служи Архиерејска Литургија по повод една година од упокојувањето на Митрополитот Тимотеј.
Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј почина на 25 ноември минатата година, на 73-годишна возраст.
Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Куманово како Славе Јовановски. Во 1976 година дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работел како службеник во Македонската архиепископија. Од страна на Синодот бил испратен во Рим каде ги завршил ориенталните студии и магистратура. На богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в.д. ректор на Македонската православна богословија.
За архијереј на МПЦ-ОА е избран во 1981 година, а од 1995 година раководи со Дебарско-кичевската епархија. Митрополитот Тимотеј е првиот Владика кој е погребан во Плаошкиот манастир онаму каде тој го мина половината од својот живот.