Во Црвена Вода и Белчишта одбележани 80 години од Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ
Денес во Црвена Вода и Белчишта, беше одбележан јубилејот 80 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 03 Октомври 1943 година. Овој значаен датум од историјата е патронен празник на општина Дебрца.
Во село Црвена Вода делегации од Општина Дебрца и општинсата организација на Сојуз на борци од НОАВМ 1941-1945 и граѓани продолжувачи ја посетија Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и се одржа историски час, а во село Белчишта беше промовирана обновената Спомен соба од НОБ.
Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на НОБ. Тука се исковани најголемите придобивки од НОБ, истакна во своето обраќање градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески.
„Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки. Нашата визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство. Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина. “– кажа Ногачески.