Д-р Асен Шајн поднел оставка, директорското место во Општа болница го напушта на средина од мандатот со обезбедување вредна донација за установата
ЈЗУ Општа болница Охрид доби донација вредна шест милиони денари од Агенцијата за катастар на недвижности Скопје, информираат од установата. Станува збор за најголема донација досега, која ќе биде искористена за купување на современа медицинска опрема, што значително ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги кои ги нуди установата, посочува директорот на болницата д-р Асен Шајн, кој воедно информира дека поднел оставка на функцијата за што писмено го известил Министерот за здравство. Во оставката посочува дека директорското место го напушта од лични причини.
Д-р Шајн во објава преку страната на болницата на Фејсбук се осврнува на предизвиците со кои се соочувал во раководењето. Посочува дека кога бил именуван за директор болницата била во тешка финансиска состојба со блокирана сметка од август 2021 и бројни извршни решенија, застој во испорака на основни медицински и други материјали, лекови, недостаток на кадар посебно во одделението за Педијатрија. Одблокирањето на сметката на болницата на почетоот на 2023 година, д-р Шајн го посочува како една од најзначајните работи што со својот тим ги остварил во раководењето со Болницата.
– Недостатокот на стручен лекарски кадар кој се создавал наназад многу години, го решив со вработување на 55 работни позиции од кои 22 доктори за кои издејствував веднаш да отпочнат со специјализација со посебен акцент на приоритетните специјализации како педијатрија, анестезиологија, офталмологија, инфектологија итн. каде имавме најголема потреба. За повторно враќање на одделот Педијатрија во нормален тек на работа успеав да трансферирам двајца готови специјалисти Педијатри од други здравствени установи, испративме 3 доктори на специјализација уште веднаш. Со трансферирање успеавме да преземеме специјалист по Психијатрија и Неврологија од други здравствени установи. Моментално на специјализација имаме вкупно 36 доктори. Во Јуни минатата година издејствував заедно со Фондот на Здравствено осигурување на докторите на специјализација да им се исплатат заостанатите наодместоци за одвоен живот од предходни години во вкупен износ од речиси 10.000.000,00 денари. За прв пат во Болницата неодамна по моја иницијатива беа доделени јубилејни награди на 15 вработени здравствени работници и соработници по повод 40, 30, 20 и 10 години работен стаж, вели д-р Шајн во објавата на страната на болницата на социјалната мрежа Фејсбук.
Директорот во оставка ги набројува и бројните донации кои ЈЗУ Општа Болница Охрид ги доби за време на неговото двегодишно раководење како што се: комплетно ново улично осветлување во болничкиот комплек ; дијагностичка опрема за Одделот за Уво, Нос и Грло; воведување софтверски систем за електорнско поврзување на Специјалистичката биохемиска лабараторија во Лабораторискиот информациски систем со што се добива поедноставен работниот процес, сигурност на податоци, елиминирање на грешки и можност за електоронско добивање на резултатите од анализи; реконструкцијата на покривот на објект од павиљонски тип; започнато реновирање на Интерно одделение; промена на надворешната столарија и стара дограма со ПВЦ дограма на инфективно одделение и на одделот за Радиологија и други значајни донации.
Д-р. Асен Шајн, специјалист по оториноларингологија беше назначен за директор на Општа Болница – Охрид во април 2022 година , а со поднесената неотповиклива оставка директорувањето го завршува на половина од четиригодишниот мандат.