Од денеска во Охрид започнаа заедничките полициски патроли составени од полициски службеници од македонското и српското Министерство за внатрешни работи.
Патролите се реализираат врз основа на потпишаниот Протокол за соработка во текот на летната и зимската туристичка сезона на двете Министерства според кој, предвидено е заеднички патроли да патролираат низ Охрид секојдневно во текот на сезоната од 20-ти јули до 31-ви август.

– Целта на заедничките патроли не е само зголемување на степенот на размена на искуства помеѓу полициските службеници од двете министерства, туку многу повеќе излегување во пресрет на граѓаните со цел задоволување на нивните потреби од безбедносен аспект како и обезбедување други сервисни потреби. Полицајците од Србија нема да имаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен ќе бидат обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на Република Македонија, нема да го носат службеното оружје и ќе даваат само поддршка на полициските службеници од Охрид, информираат од МВР.
Во соопштението од СВР Охрид стои дека српските полицајци пред стапувањето на работната задача биле детално запознаени со законот за внатрешни работи на Република Македонија и Законот за полиција.