Skip to main content

За спас на занаетите соработка со локалната и помош од централната власт

Редовни состаноци на занаетчиите со локалните власти, организирање на занаетчиски изложбени базари, царински олеснувања, кратење на процедурите за добивање државна помош. Ова се само дел од идеите на занаетчиите за тоа како да се работи на повторна популаризација на голем број занаети наспроти оние кои за жал веќе не постојат.

 |  Мишел Наумоски  | 



Државата да стави рака и да им помогне на занаетчиите за да има и малку надеж дека повторно ќе дојдат златни денови на занаетчиството-бараат занаетчиите. Според занаетчијата, изработувач на производи од кожа и хартија, Драган Ѓеоргиевски, можноста да се изложат нивните производи на атрактивни локации би била одлична можност и за заработка но и за достојно презентирање на занаетите во Охрид пред туристите. Ѓеоргиевски смета дека нешто налик божиќните базари во Германија организирано во соработка со локалната самоуправа би имало двојна корист, и за нив како занаетчии, но и за градот и општината.

„Пожелно е да имаме барем еднаш годишно преку лето да имаме еден таков базаар или пак и новогодишен базаар, вакво нешто има во Германија, имаат таму божиќни базаари  каде даваат посебен лик и чувство на секој посетител. Ем ќе ни помогнат нас со тоа што ќе можеме да продаваме, ем ќе го разубавиме амбиентот, ќе има некое случување. Јас апелирам до општината колку што може да ни помогне, односно да си помогнеме едни со други.“– вели Ѓеоргиевски.

Редовни состаноци со локалните власти и можноста за посочување на проблемите со кои занаетчиите се соочуваат, според познатиот изработувач на оригинален охридски бисер, Климент Талев би било добар момент за приближување кон некои подобри времиња.

Климент Талев„Да си ги кажиме маките и ако може да ни помогне државата, не пари да ни дава. Да ни помогне со некое царинско олеснување, да се забрза процедурата. Мене репроматеријалот ми доаѓа од Италија. За два дена ми доаѓа преку ДХЛ или ФЕДЕКС, седум дена не можам да ја подигнам од царинско складиште и плаќам ускладиштување, лежарина. Ви се молам. Лежарината е повеќе од царината. Во таа смисла државата да ни помогне.“– вели Талев.

И Ѓеоргиевски и Талев сметаат дека во делот на финансиската поддршка за занаетчиите, државата, односно Министерството за економија треба посериозно да се заложат бидејќи 25те илјади евра кои се издвојуваат за околу 6000 занаетчии според нив е смешна сума. Додаваат дека тоа се премалку пари за занаетчиството ако се земе во предвид дека има бројни занаети кои го величат македонското име и култура буквално низ целиот свет.