Колекторскиот систем функционира
Колекторот функционира добро по неговата санација. Не е точно дека има пропуст во работата на колекторскиот систем за посоченото излевање на заматена вода во населбата Воска, на потегот каде што се влева Грашница, информира Владимир Алексијоски, директор на ЈП Колекторски систем. Тој ги отфрла обвинувањата упатени на нивна адреса како неосновани. Алексијоски ова го поткрепува со направениот вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина од работењето на колекторскиот систем на 13 април.
„Во извештајот стои дека при вонредниот надзор не се пронајдени неправилности во работењето на ЈП Колекторски систем. Од двата испусти на тој дел нема излевање на заматена вода. Препумпната станица кај Далјан функицонира и не се утврдени неправилности на Колекторскиот систем “- вели Алексијоски.
Директорот на ЈП Колекторски систем посочува дека проблемот е во реката Грашница. Кажува дека нивниот испуст е на 200 метри од вливот на реката. Она што поединци, здруженија и политчки партии сакаат да го злоупотребат против нас не е точно, а тоа го покажува сликата од местото, укажува Алексијоски. Додава дека направените снимања на терен покажале најразлични аномалии кои се одговорност на Локалната самоуправа, а меѓу нив се диви приклучоци од неодвоена фекална и атмосферска канализација.
„Решението е систематско, во заедничка соработка при решавање на проблемот. Јавното пртепријатие и Локалната самоуправа да отпочнат со проекти за изведување и одделување на атмосферската и секундарната канализација. Имаме проблем и кај излезот на каналот кај месноста „На Мазија“. Граѓаните јавуваат и мислат дека е наш проблем. Посочуваме и кажуваме тука сме заедно да ги решаваме проблемите“ – напоменува Алексијоски.
Од ЈП Колекторски систем најавуваат дека во Годишната програма имаат предвидено чистење на цевководот под висок притисок. По Велигденските празници ќе го подобрат протокот на системот со чистење од разни отпадоци како што се бетон, корења и други отпадоци на кои не им е местото, а завршуваат во колекторскиот цевковод.