Skip to main content

Колку е штетен азискиот Толстолобик за охридските автохтони риби

Повеќе примероци од Азиски вид риба со потекло од Кина со просечна тежина од над 2 килограми се уловени во Радожда, Пештани и на Далјанот во Струга. Сортските риболовци сметаат дека новиот вид Толстолобик може да биде опасна за останатите автохтони видови во Охридското Езеро, додека пак научната фела сеуште без одговор како може да дојде во нашите езерски води.

 |  Билјана Николоска  | 

Во Охридското Езеро уловени се примероци на кинески вид риба Толстолобик. Спортските риболовци предупредуваат дека овој вид риба е неавтохтона и може да предизвика сериозни последици посебно врз охридската пастрмка. Примероци од овој вид риба пронајдени се во Радожда, Пештани и на Далјанот во Струга. Претседателот на здружението Радован Димитриески смета дека треба да се вклучи црвениот аларм за спас на езерото

„Останува енигмата како овој вид на риба кој е карактеристичен за во Кина и кој само таму се размножува во реката Амур како стигна во водите на Охридското Езеро. Претежно тој се носи со порибителен материјал од крап но Охридското езеро не е порибено над 10 години и затоа останува енигма како е донесен овде. Многу е страшно што е уловена во време на вештачкиот мрест во тој дел каде се движи и пастрмката тој освен што се храни со планктонот се храни и со едноклеточни организми и алги исто се храни и со икра, така да претставува голема опасност за уништување на рибниот фонд на Охридското езеро“. -вели Димитриески.

Доаѓањето на рибата е овозможено по пат на човекот бидејќи ја внесол во сливното подрачје на Охридско езеро дали за одгледување во некои рибници, рече Зоран Спиркоски-Хидробиолошки институт Охрид. Додаде дека нејзиното место не е во нашето езеро.

„Примероците кои се фатени кај нас укажуваат на риба од една година возраст и се со 38 сантиметри. Таквата риба дава и до 100 илјади зрна икра но се надеваме дека во нашиов случај во езерово не би можела да опстојува природно да се размножува бидејќи и по другите езера каде што сакале да ја размножуваат не се размножила. Но од друга страна имаме еден познат факт дека навистина таа знае да биде своевиден плевел риба и да направи штета, бидејќи како што е познато во дел од притоките на америчките големи езера веќе се наоѓа и е распространета и со неа се јавуваат доста големи проблеми бидејќи зафаќаат еколошки ниши на другите риби кои што нормално живееле во тие води “ – изјави  Спиркоски.

Спиркоски појасни дека азиската риба карактеристична е по тоа што расте брзо, а цревата и се за 15 пати подолги од телото. Ја има во сива и бела боја. Асоцијациите и организациите кои се занимаваат со рибниот фонд ќе бараат одговор за потеклото на внесувањето на оваа риба во Охридско езеро, но тој процес како што нагласи Спиркоски тешко се откривал а постоело можност и никогаш да не можат да го откријат внесувачот.