Оџачарите се побарани
Почна грејната сезона, а со тоа и опасноста од можни пожари. Посебно тоа се однесува за пожари од неисчистени оџаци. Од оваа сезона се зголемува бројот на охриѓани кои за затоплување на домовите се префрлаат на огревно дрво, напоменува Борко Јанкулоски, командир на ТППЕ-Охрид. Тоа значи дека многу оџаци не биле употребувани со години. Од ТППЕ повикуваат граѓаните да бидат поодговорни за нивната лична безбедност и заштитата на домовите.
„ Во овој период е доста барана службата за чистење оџаци. Годинава има и поголем интерес за чистење на оџаците. Да напоменам дека тие што редовно доаѓаат секоја година не бараат повторно. Ние имаме тимови за проверка и за извршување на услуги“.
Командирот Јанкулоски, апелира граѓаните да внимаваат и на вертикалните канали во колективните станбени згради, а не само на оџаците во индивидуалните куќи. Многу често во зградите доаѓа до запушување на оџаците, појава на чад и непријатен мирис на гареж па дури и до опожарување на становите, посочува командирот на охридската ТППЕ. Препораката е граѓаните да имаат сериозен пристап кон неупотребуваните оџачки канали и да ги одржуваат чисти.
„Да повикаат стручно лице да изврши контрола на оџаците. Мора еднаш -два пати годишно да се направи контрола на оџачките канали за да се спречат несакани последици. Во зимскиот период кровните конструкции се опожаруваат токму од тие канали“.
Повиците за чистење на оџаците се во пораст, укажува Јанкулоски. Споредбите направени во овој период со истиот период од минатата година покажуваат дека гарѓаните имаат поголем интерес да ангажираат оџачарската служба за чистење на оџачките канали. Се забележува дека се зголемува свеста на охриѓани за овој сериозен проблем, но сепак недоволно.