Охриѓани незаинтересирани за имунизација
Трет ден тече имунизацијата против сезонски грип. Охриѓани во мал број доаѓаат да примат бесплатни и комерцијални вакцини во Центарот за јавно здравје. Од почетокот на имунизацијата до денес само 14 мина се вакцинирале со комерцијална вакцина. Со бесплатни вакцини, пак преку Мој термин на првиот ден од почетокот на имунизација се вакцинирале 98 мина, вториот 85 , а денес има слаб одзив, информира епидемиологот, д-р Јованка Стурлакова Коровешоска. Д-р Стурлакова Коровешоска напоменува лицата кои аплицирале за бесплатни вакцини, а не добиле термин да ги проверуваат пораките на мобилните телефони, да се јават кај матичните лекари или во Центарот за јавно здравје.
„Планирано е 160 лица дневно да се вакцинираат преку „Мој термин“. Вакцината се аплицира, но одѕивот е многу слаб. Голем број луѓе не добиле пораки, таков е одговорот на луѓето на кои им се јавуваме. Веројатно е некоја грешка во системот. Апелираме сите кои аплицирале за имунизација за сезонски грип да ги проверат пораките. Имаат право во рок од 7 дена од денот на добиениот термин за вакцинирање да дојдат и да се вакцинираат“.
Во понеделник , во Охрид ќе дојде информативен караван за имунизација кој го спроведува Министерството за здравство со поддршка УСАИД, УНИЦЕФ и Светскаат здравствена организација. Под слоганот „Заштитени заедно вакцините подобро делуваат“ караванот ќе пренесе информации до локалните заедници за сите редовни вакцини за деца, вакцините против сезонски грип и Ковид 19.
Охриѓани ќе да се информираат за придобивките од вакцините , но и да примат вакцина против ковид 19 на плоштадот Крушевска Република ,од 10 до 12 часот, информира д-р Соња Мариновска, раководител на Службата за здравствена заштита на деца и младинци. Службата за имунизација, истиот ден од 12.30 до 14.30 часот, ќе биде присутна во селото Мешеишта, а во Косел од 15 до 17 часот.
„Вакцините за граѓаните ќе бидат бесплатни, а ќе се делат и информации за значењето на вакцината. Имунизацијата ќе биде со вакцините Фајзер и Модерна. Почнувајќи од возраста 12 години па нагоре граѓаните ќе се вакцинираат со Фајзер, а од 6 години и натака со вакцината на Модерна“.
Повеќе од два века вакцините им помагаат на луѓето да останат здрави,почнувајќи од првата вакцина за заштита од големи сипаници па се до најновите вакцини што се користат за спречување тешки случаи од Ковид 19. Редовните вакцини кои се даваат во текот на детството, вакцините против сезонски грип и најновите против Ковид 19 се достапни низ сите здравствени домови и пунктови за вакцинација низ државата.