Одложено рочиштето за случајот Пендиков, првообвинетиот се разболел
Одложено денешното рочиште за случајот Пендиков, поради отсуство на обвинетиот Илија Сапасески. Неговиот адвокат Димитрија Цобоски, пред судот презентираше медицинска документација, во која е наведена дијагноза тромбофлебит. Адвокатот на оштетениот Христијан Пендиков, Стефан Камишевски, рече дека отсуството на обвинетиот доволно зборува за намерата на неговата одбрана, додаде дека Пендиков се уште има последици и се лекува од повредите, а добива и закани кои ги пријавиле во полиција. Тој не му дозволи на својот клиент да одговори на прашањето на новинарите дали мотивот за тепачката е неговата национална припадност или пак станува збор за стари нерасчистени сметки помеѓу Христијан Пендиков и Илија Спасески.
„Јас ќе му одговорам на тоа прашање. Не можам да ви дозволам затоа што таквите факти треба да се утврдат во судска постапка. Дали се знале или не се знаеле Пендиков има дадено одговор во обвинителството и ќе даде одговор пред Судот, во постапката, кога ќе биде сослушуван во својство на оштетен. Една работа е давање изјава на новинари, а друга работа е давање исказ пред суд. Се надевам ќе имате можност на 21ви септември да го слушнете одговорот на тоа прашање во судницата.“ – изјави Камишевски.
Илија Сапасески е обвинет за напад од омраза со тешки повреди. Според обвинението, на тепачката што се случи на 19 јануари на паркинг во Охрид и претходела вербална расправија, кога во угостителски обjeкт Спасевски наводно го навредил Пендиков на национaлна основа. Пендиков денес кажа дека сеуште добива закани, за што ги информирале инстиитуциите.
„Добивам на месинџер, на инстаграм, на социјални мрежи. Закани, коментари, си читаме закани каде сакаат да не убијат, така да не се чувствувам ок. Пријавено е во полиција пред месеци и сега брзо е пријавено, редовно си пријавуваме и пријавено е во OSCE, пријавено е секаде. Се надевам дека одиме нанапред, имаме отворено некаков повод, отворено мислење, не треба да се тепаме, се случи инцидент, се надевам дека нема да се повтори никогаш, зошто не е убаво никој да е тепан и омаловажуван заради својата национална припадност.“ – кажа Пендиков.
Пендиков денес се враќа во Софија, бидејќи сеуште траело неговото лекување. Следното рочиште од судскиот спор за нападот на Христијан Пендиков е закажано за 21 ви септември.