Skip to main content

Охридскиот регион останува под заштита на УНЕСКО, Македонија доби рок од пет години за исполнување на препораките

Одлуката беше донесена од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 48. сесија која се одржува во Бусан, Република Кореја.
 |  инфодеск  | 

Охридскиот регион го задржа статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и нема да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, откако Комитетот за светско наследство донесе одлука со која на Македонија ѝ се дава дополнителен рок од пет години за спроведување на препорачаните мерки.

Одлуката беше донесена од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 48. сесија која се одржува во Бусан, Република Кореја. Македонската делегација во Бусан ја предводи амбасадорот во Париз Игор Николов со неколку државни службеници.

-Во наредниот период ќе продолжи спроведувањето на конкретни мерки за заштита, вклучително и подготовката на прекуграничната Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, зајакнувањето на инспекцискиот надзор и справувањето со бесправните градби, како и активностите за заштита и обновување на Студенчишкото Блато, изјави амбасадорот Николов во своето обраќање.

Меѓу клучните задачи остануваат подобрување на институционалната координација, справување со бесправната градба, заштита и обновување на Студенчишкото Блато, како и продолжување на соработката со Албанија во управувањето со прекуграничното светско наследство. Надлежните институции посочуваат дека следниот период ќе биде од особено значење за спроведување на мерките што треба да обезбедат долгорочно зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.