Охридските Деници на струмичкиот карневал
Охридските деници под маски на традиционалниот Струмички карневал. Тие од таму влечат искуства за нивниот традиционална и хуманитарна забава под маски. Синоќа беа официјално отворени карневалските денови во Струмица.
Членките на охридскиот лајонс клуб „Деница“ под маски отпатуваа на традиционалниот Струмички карневал. Тие освен за да ја покажат нивната креативност и интересни маски, со кои отидоа во Струмица, тие ќе повлечат и искуства од организирањето на еден од највпечатливите карневали во земјава па и Европа.
„За прв пат сме во Струмица на карневал, инаку и ние имаме традиција во нашиот клуб да правиме хуманитарна забава под маски така да ова ни беше нешто во кое најдовме сличност, а воедно сакаме да ги поканиме бидејќи Струмица е со традиција на маскенбали, да имаме гости од Струмица на нашиот маскенбал. Воедно тоа е хуманитарна акција која ја посветуваме на луѓево каде што најмногу им треба, дали се тоа деца со посебни потреби, дали во некои други случаи.“- вели Лидија Тилевска-претседателка на ЛК „Деница“-Охрид
Синоќа беше и официјалното отворање на карневалските денови во Струмица. Градоначалникот на оваа општина, Зоран Заев и годинава гостин на карневалот, но без маска бидејќи како што вели тој истовремено е и политичар кој моментално води сериозни процеси во државата.
„Вечерва е познатиот струмички маскенбал каде што цела Македонија преку вас медиумите ќе може да ги види прекрасните креации на струмичани кои што со многу труд и љубов ја негуваат традиција која потекнува од нашите предци. Секако тримерските обичаи се нешто со кое што се годеат струмичани овие карневалски денови, очекуваме да бидат врв на организацијата на струмичани во форма на струмички карневал.“- изјави Зоран Заев-Градоначалник на Струмица
Инаку Струмичкиот карневал како организирана форма се случува веќе 25 години. Секое наредно издание последниве години започнува со изложба на фотографии од минатогодишните маски. На годинешното издание на карневалот се очекува да продефилираат 40 маски од земјава и 16 од странство, како и над две илјади учесници од Македонија и од странство. Струмичкиот карневал е своевиден празник за граѓаните на Струмица. Тие со месеци наназад се подготвуваат за самиот карневал кој пак од друга страна важи за вековна традиција поврзана со празникот Тримери.