Skip to main content

Охриѓани се поретко користат оџачарски услуги

Охриѓани се поретко користат оџачарски услуги. Тоа го покажува билансот на интервенции на Територијалната противпожарна единица, кои говорат дека само годинава, за 15 дена, се случиле 15 пожари, од кои12 биле поради неисчистен оџак.

 |  Билјана Николоска  | 

Неисчистените оџаци претставуваат темпирани бомби. Во секој момент поради неисчистен оџачки канал може да избие пожар и да предизвика голема катастрофа, не само за сопствениците на куќата туку и за објектите во пошироката околина, велат од Територијалната Противпожа единица од Охрид. Според податоците кои ни ги пренесе заменик командирот Горан Маркоски, од почетоков на годинава до денес имале 15 интервенции од кои само 12 отпаѓаат на пожари од оџаци.


„Со правилник на Дирекцијата за заштита и спасување назначено е дека најмалку два пати годишно треба да се чистат оџаците, пред  и после грејната сезона. Исто така зависи и од пречникот на оџакот и од горивната материја, односно од дрвата кои ги гориме, колку дрвото е посуво оџакот функционира подобро и нема да се таложат саѓи а со тоа и затнување а се избегнува опасноста од самозапалување на оџакот“.-вели Маркоски.

Охриѓани треба да обрнат поголемо внимание на овој проблем, бидејќи чистењето на оџаците е многу сериозна, но крајно маргинализирана работа. Додаде дека многу специфична била работата во колективните станбени згради, бидејќи станува збор за повеќе станари кои се поврзани на една вертикала.

„Често пати имаме станови кои се користат како викенд станови, тука доаѓаат граѓани во лето и ни претставува проблем бидејќи кога ќе се запали некоја вертикала ние не можеме да влеземе во тој стан и да провериме дали има опасност од проширување на пожарот. Најдобро е преку советот на станбените згради да се покрие трошокот за чистење на оџачкиот канал“ – додава заменик командирот Маркоски.

Територијалната Противпожарната единица реагира доколку се случи пожар. Во рамките на оваа служба не функционира оџачарска служба, бидејќи тоа било сосема друга дејност, нагласува Маркоски. Тој смета дека сериозно треба да се размислува за оформување на една таква служба, која ќе има посебна опрема, униформи, специјален оџачарски алат и се тоа да биде законски регулирано.

„Со оформување на една таква служба, ќе се намалат пожарите на оџачките канали што претставуваат потенцијална опасност и за зафаќање на целиот објект, ќе се намалат нашите интервенции и ќе се намали потрошувачката на гориво, како и тоа ќе може да бидеме повеќе спремни за големи интервенции на време да ги завршиме“

Чистењето на оџаците може да чини од неколку стотини до над илјада денари, во зависност од  димензиите на оџакот и методите што треба да се применат. Поради трошокот, многу семејства самите чистат, не ангажираат професионалци, а има и такви кои со години не им обрнуваат внимание на оџаците, па се доведуваат во опасност и самите и своите соседи.