Skip to main content

Повторно затрупани со отпад локации во Охрид на кои Комуналец континуирано интервенира

ЈП „Охридски Комуналец“ мапираше девет диви депонии, подигнати 48 кубни метри отпад
 |  Маја Савиќ  | 

ЈП „Охридски Комуналец“ информира дека при последните активности на терен биле мапирани девет диви депонии на локации каде нивните екипи континуирано интервенираат поради несовесно фрлање отпад.

Како што соопштуваат од претпријатието, дивите депонии се евидентирани кај станбениот комплекс во Даљан, на улицата „Шар Планина“, во населбите Лескајца и Воска, на улицата „Дејан Војвода“, како и во селото Трпејца. Од овие локации се подигнати вкупно 48 кубни метри отпад.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ посочуваат дека и покрај континуираните активности за расчистување на дивите депонии и кампањите за подигнување на еколошката свест, на истите локации повторно се создаваат нови депонии со неправилно депониран кабаст, зелен и градежен отпад.

Од претпријатието апелираат до граѓаните одговорно да постапуваат со отпадот, нагласувајќи дека зачувувањето на чистата и здрава животна средина е заедничка одговорност на сите, со цел Охрид да биде почисто и поуредено место за живеење.