Skip to main content

Пред 100 години во Охрид се прикажувале по две филмски проекции на ден

Пред 100 години Охрид имал кино. За граѓаните филмовите кои се прикажувале во киното Охридско езеро биле вистинско доживување. Дневно имало по две филмски проекции, а за викенд и по три. Постарите со носталгија се сеќаваат на филмските наслови кои биле прикажувани во тоа време. А помладите, кои денес во 21 век не можат да уживаат во магијата на кино проекции, можат да го погледнат документарецот за првото кино во Охрид од Љупчо Паункоски.
 |  Маја Савиќ  | 

На почетокот на 20-тиот век во Охрид биле прикажувани кино проекции. Првото кино го изградил Миле Петкоски Мартиноски, учесник во Илинденското востание кој поради прогонот од турските власти избегал во САД во 1907 година. По 12 години се вратил во родниот крај каде ја донесол љубовта кон подвижните слики која ја открил во Америка.

Одењето на кино во тоа време, да се следи филмска проекција било вистинско доживување за охриѓани, вели Љупчо Паункоски, син на првиот кино оператор во киното Охридско Езеро.

Прво се емитувале неми филмови, потоа дошле и филмови со тон, така да тоа во Охрид значело многу затоа што пред почетокот на секој филм се емитувал журнал новости со кој било опфатено се она што се случувало во светот . Тоа било посебно доживување, луѓето цели фамилии оделе на кино. Во тоа време најпопуларни биле музичките филмови, вестерн филмовите исто така и воените , секогаш салата била полна, се емитувале по две проекции на ден, а во викенд сабота и недела имало дури и по три проекции. “ – вели Паункоски.

Паункоски редовно одел во киното и ја засакал професијата на неговиот татако и еден краток период од животот и самиот работел како кино оператор.

„ Многупати тој и не ќе знаеше , јас ќе се пикнев внатре и ќе гледав некој филм и по неколку пати. На некој начин мојот живот е врзан со тоа кино , затоа што во периодот од 1964 та до 1967 година бев ученик , имам диплома за кино оператер , исто така прожектирав филмови но не со првата апаратура која беше донесена , со неа единствено можеше да работи мојот покоен татко Станко Паункоски , а после тоа негов ученик беше Трајче Левески. По ослободувањето беа донесени два други проектори па со нив се зрачеше програма и во старото и некаде од 1957 година се изгради и новото кино. – кажува Паункоски.

Првото кино во Охрид одамна е запуштено. Денес руинираниот објект треба да биде реконструиран и да стане дел од богатото недвижно културно наследство на Охрид и место каде би се одржувале културни настани. Постарите со носталгија се сеќаваат, а за помладите Паункоски сними документарен филм како сведоштво за ова некогаш култно место како дел од градскиот живот во Охрид од минатото.

Наградуваниот документарец од Паункоски „Киното Охридско Езеро“ во август ќе учествува на светски филмски фестивал под покровителство на УНИКА во Бирмингем, Велика Британија.