Црвен крст Охрид дел од „Хуманитарен одговор 2023”- дејствување при земјотрес
Црвениот крст Охрид денеска учествуваше во вежбата „Хуманитарен одговор 2023” во организација на Црвен крст на Република Северна Македонија.
На оваа симулациска вежба за дејствување во итна ситуација – земјотрес учество зедоа повеќе од 500 лица, два хеликоптера и 40 возила. Учествуваа институции вклучени во Системот за управување со кризи и домашни и странски тимови од Црвениот крст.
Охридската организација на Црвен Крст учествуваше со тим за спасување на вода и со тим за прва психолошка помош и психо-социјална поддршка.
Вежбата која се одржа во Градски парк во Скопје беше под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а во склоп на одбележување на 60 години од катастрофалниот земјотрес.
Главната цел на вежбата е да се претстават капацитетите, можностите и подготвеноста на Црвениот крст во координираниот пристап за одговор при кризни состојби и катастрофи.