Skip to main content

Проверка на факти

3Д анимација како вистинска снимка од рускиот напад врз Украина

Видеото не е вистинско, туку станува збор за 3Д анимација и истото е споделено на Инстаграм во октомври 2021 година, четири месеци пред руската инвазија. Авторот на видеото има над 90 илјади претплатници на Јутјуб, а за странски проверувачи изјавил дека не станува збор за видео од Украина, туку за анимација што самиот ја направил.
 |  инфодеск  | 
3Д анимација

Рецензираме видеоснимка којашто беше пласирана во медиумите во светот, а не ја прескокна ниту Северна Македонија, а се однесува борбите кои се водат во Украина по руската инвазија. Видеоматеријалот е објавен и преземен од социјалната мрежа „Тик Ток“, а на него се гледа наводен руски авионски напад врз Украина.

Во извештаите на дел од македонските медиуми (пример може да погледнете на следниот линк), се посочува дека ,,небото над Украина е буквално исполнето со руски авиони кои летаат на сите страни, додека пак, украинското противвоздушно оружје се обидува да ги сруши“. Ваквата информација датира од 24 февруари 2022 година, односно објавена е дента кога започна руската инвазија врз Украина.

Меѓутоа, видеото не е вистинско туку станува збор за 3Д анимација и истото е споделено на Инстаграм во октомври 2021 година, четири месеци пред руската инвазија.

Авторот споменува дека е 3Д аниматор, а видето со наслов на шпански јазик е објавено на неговиот канал на Јутјуб на 29 октомври 2021 година. Насловот гласи: „Сакавте да знаете како е да се биде во Втората Светска Војна? Ова е за вас!”

Во описот на видеото пишува:

Ова е мала компилација од моите анимации кои се однесуваат на Втората Светска војна. Ќе се обидам да ги одведам анимациите подалеку од воздушната борба. Сакам да ја создадам битката на Тигар 1 против Шерман М4. Многу прегратки, ако ви се допаѓа, претплатете се!

Овој 3Д аниматор има над 90 илјади претплатници на Јутјуб. Во видеото се гледа дека освен посоченото видео, направил и други 3Д анимации од воени дејства.

Странски проверувачи на факти, се обратиле до сопственикот на Јутјуб каналот и добиле одговор:

Ова е само анимација што ја направив. Не е видео за Украина.

Ако повнимателно се разгледа видеото, може да се види дека авионите кои се прикажани на небото и погрешно презентирани како да се руски авиони во Украина, не се во движење, туку само лебдат во место. Тоа самото по себе е индикативно.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека споделениот видеоматеријал не е реална, веродостојна и вистинска снимка од руски авионски напад врз Украина, туку претставува 3Д анимација објавена месеци пред руската инвазија врз Украина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар