Skip to main content

„Фајзер“ не вклучува трометамин во својата вакцина за да спречи срцев удар

Постот нецелосно ја информира јавноста, односно му недостига контекст. Точно е дека „Фајзер“ во вакцината за деца под 11 години ја додава состојката трометамин, но оваа состојка ја додава и во вакцините за тинејџери и возрасни. Не е точно дека трометаминот се додава за да се спречи срцев удар по примање на вакцината, туку за да се олесни нејзиното одржување и траење. Трометамин има и во вакцината на „Модерна“, но и во други вакцини и лекови одобрени од ФДА.

 |   | 
вакцина Фајзер

Постот нецелосно ја информира јавноста, односно му недостига контекст. Точно е дека „Фајзер“ во вакцината за деца под 11 години ја додава состојката трометамин, но оваа состојка ја додава и во вакцините за тинејџери и возрасни. Не е точно дека трометаминот се додава за да се спречи срцев удар по примање на вакцината, туку за да се олесни нејзиното одржување и траење. Трометамин има и во вакцината на „Модерна“, но и во други вакцини и лекови одобрени од ФДА.

Пост на Фејсбук (во меѓувреме избришан) ја манипулира јавноста дека во вакцината на „Фајзер“ одобрена за аплицирање кај деца од 5 до 11 години, тајно бил додаден лекот трометамин кој имал „многу потенцијално сериозни несакани ефекти“.

ФАЈЗЕР КРИЕ ЗА ТРОМЕТАНИНОТ ВО ДЕТСКИТЕ “ВАКС КОВ”

( Документот на мегдан )

Трометамин

Документите покажуваат дека Pfizer тајно додала лек за срцев удар, во детските вакцини против КОВИД.

10 ноември 2021 година

Новообјавен документ покажува дека нарко гигантот Pfizer додал таен лек за срцев удар во детската верзија на “вакцини”.

Советодавниот комитет на Администрацијата за храна и лекови (ФДА) кој гласаше 17 спрема 0 за одобрување на апчиња за деца на возраст од пет години, беше известен дека детската формулација на лекот содржи трометамин (Трис), хемикалија која ја намалува киселоста на крвта и ги стабилизира луѓето кои доживеале срцев удар.

Целосното тврдење: „Тие го заменија солениот пуфер во вакцината со лек наречен трометамин. Тоа е лек кој им се дава на луѓето откако ќе доживеат срцев удар. Тоа е произведувач на киселина во крвта. Има многу потенцијално сериозни несакани ефекти“, се вели во постот кој го анализираме. 

Точно е дека во вакцината на „Фајзер“ за деца има трометамин, но она што недостига во постот е да се објасни дека компанијата ја додава оваа состојка и во своите вакцини за возрасни и тинејџери. Клиничките испитувања на „Фајзер“ покажуваат дека новата формула за вакцина која содржи трометамин е безбедна.

Неколку други вакцини одобрени од американската Агенција за храна и лекови (ФДА), исто така, содржат трометамин, пишува сервисот за проверка на факти на „Асошиејтед прес“.

ФДА на 29 октомври даде зелено светло за примена на вакцината против ковид-19 на компанијата „Фајзер-Бионтек“ за деца на возраст од 5 до 11 години, а конечната одлука за тоа ќе ја донесе американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

ФДА во одобрението за итна употреба на вакцината „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години препорача помали дози од оние што се даваат на возрасните и на тинејџерите. Дозата што е одобрена за децата од страна на ФДА е една третина од онаа што се дава на другите старосни групи.

Агенцијата, исто така, како што пишува „Асошиејтед прес“ (АП), одобри нова формула за вакцините на Фајзери за деца и за возрасни, која вклучува трометамин, состојка што се користи за зголемување на времето на складирање во фармацевтски производи.

Постот што го анализираме тврди дека новата формула за вакцина е само за деца и дека додадената состојка претставува сериозен медицински ризик, што не е точно.

Оваа нова формула е исто така овластена за употреба кај поединци на возраст од 12 години и постари, изјавил за АП портпаролот на ФДА, Абигејл Капобијанко.

Капобијанко додал дека трометаминот се користи во други вакцини и производи одобрени од ФДА, вклучително и вакцините против денга, сипаници и ебола, како и во лекови за дијабетес „хумалог“. Трометамин има и во вакцината на „Модерна“.

Трометаминот е додаден во новата формула за да може вакцините на „Фајзер“ да се чуваат подолг периоди, соопштија од компанијата и ФДА, пренесува АП.

За да се овозможи продолжено време на складирање, се користи алтернативен тампон, познат како „трис тампон. Ова и овозможува на мРНК вакцината да се спротивстави на разградувањето на подолг временски период пред администрацијата, рече портпаролот на „Фајзер“, Џерика Питс. 

Питс додаде дека новата формула дозволува вакцината да се чува во фрижидер до 10 недели.

Д-р Питер Маркс, директор на Центарот за биолошка евалуација и истражување при ФДА, го повтори ова на брифинг за новинарите.

Оваа формулација е постабилна на ладни температури подолги временски периоди и им овозможува поголема флексибилност на давателите на вакцинација.

Новата формулација содржи трометамин, кој е познат како трис пуфер и вообичаено се користи како пуфер во различни други вакцини и биолошки средства одобрени од ФДА, вклучително и производи за употреба кај деца, рече Маркс

Иако е точно да се каже дека трометамин може да се користи за лекување на метаболна ацидоза, состојба поврзана во некои случаи со операција на бајпас на срцето, тој е исто така вообичаена стабилизирачка состојка, позната како трис пуфер, во вакцини, лекови и други немедицински производи, пишува „Ројтерс“.

Токму еден од најголемите недостатоци на „Фајзер“ вакцината против ковид-19 е нејзиниот строг услов за складирање на ултра ниски температури. Откако ќе се одмрзне, вакцината се остава со еден месец рок на траење во фрижидер.

Вистина е дека трометаминот се користи во хируршки процедури за срцев бајпас, велат медицинските експерти кои ги контактираше австралискиот „Асошиејтед прес, но како што нагласиле тие, соединението не се користи за намалување на ризикот од срцев удар во вакцината „Фајзер“, како што се тврди во постот што го анализираме.

Исуру Ранасинге, постар кардиолог во болницата „Принц Чарлс“ во Бризбејн, вели дека нема докази дека додавањето на трометамин го намалува ризикот од срцев удар кај никого, а камоли кај децата.

Ние секако не го користиме за таа цел кога лекуваме пациенти со срцев удар и никогаш не сум познавал некој што го користи за оваа намена, изјави д-р Ранасинге за австралискиот АП.

Џозеф Глајх, консултант специјализиран за аналитичка и фармацевтска хемија, во изјава за АП, вели дека иако трометаминот „може да има некои ефекти при повисоки дози, веројатно е дека во овие производи се користи на многу пониски нивоа и затоа треба да се смета за безбеден“.

Клиничките студии беа извршени со оваа формулација и не беа забележани сериозни несакани настани кај повеќе од 3.000 пациенти, додаде Глајх.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот нецелосно ја информира јавноста, односно му недостига контекст. Точно е дека „Фајзер“ во вакцината за деца под 11 години ја додава состојката трометамин, но оваа состојка ја додава и во вакцините за тинејџери и возрасни. Не е точно дека трометаминот се додава за да се спречи срцев удар по примање на вакцината туку за да се олесни нејзиното одржување и траење. Трометамин има и во вакцината на „Модерна“, но и во други вакцини и лекови одобрени од ФДА.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар