Skip to main content

заштитни маски

Коронавирусот не е глупост

Пост на Фејсбук сугерира луѓето да престанат да носат маски „за се да се врати во нормала“, бидејќи тие биле основа на сите глупости.
 |  инфодеск  | 
Вирус Ковид 19
Пост на Фејсбук сугерира луѓето да престанат да носат маски „за се да се врати во нормала“, бидејќи тие биле основа на сите глупости. Маските штитат од пренесување на коронавирусот и има научни истражувања кои го докажуваат тоа. Ако во постот под глупости се подразбира пандемијата, која го зафати цел свет, тогаш воопшто не станува збор за никаква глупост.
Само прекинете да носите маски и ќе видите како сè ќе се врати во нормала. Маскиве се основа на сите овие глупости. Без основата сè ќе се распадне. Бидете достоинствени и сами одлучувајте за своето лице, своето тело и своето здравје. Никој не може да биде одговорен за вас, ама НИКОЈсе вели во објавата која ја анализираме.
Со појавата на пандемијата на ковид-19 мерката за носење заштитна маска е една од првите мерки кои се усвоија на светско ниво со цел да се сопре ширењето на вирусот. Светската здравствена организација на почетокот донесе препорака маски да носат само болните и оние кои се грижат за нив, но подоцна ги смени своите препораки како резултат на истражувањата спроведени за делотворноста на маските. Па така во јуни 2020 година, СЗО ги ажурираше своите упатства за носење заштитни маски во борбата против ширењето на коронавирусот и им препорача на владите да го поттикнат населението да носи маски на јавните места каде што постои ризик од трансмисија на коронавирусот.
Со оглед на податоците, СЗО им советува на владите да ја охрабрат јавноста да носи маски во случај кога е тешко да се одржи физичка дистанца, како на пример во јавниот превоз, продавниците и во затворени и многу посетени места“, изјави генералниот секретар на СЗО, Тедрос Гебрејесус.
Претставничката на СЗО, Марија ван Керхов, изјави дека од оваа меѓународна организација ги советуваат властите да ги поттикнат луѓето да носат маски во јавност.
Им советуваме на владите да го поттикнат населението да носи маски. Поточно, нека носат маски од ткаенина, значи немедицински маски. Сега имаме резултати од истражувањата. Сега имаме докази дека ако маските се користат правилно можат да бидат бариера за потенцијално заразните капки“, изјави Керхов во интервју за новинската агенција Ројтерс, пренесе Дојче веле.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на 12.03.2021 година објави студија од истражување на ефективноста на мерките за носење маски. Истражувањето покажало дека дека државите што вовеле задолжителни мерки за носење маски имаат намалена стапка на раст на случаите на ковид-19 и на смртните случаи.ЦДЦ на својата официјална веб страница има објавен „Ваш водич за маски“ каде можете да прочитате како да изберете, правилно да носите, исчистите и чувате маски.Со појавата на најновата варијанта на коронавирусот омикрон, се засилија апелите за носење маски, бидејќи, според експертите, овој сој се шири со невидена брзина. На ова укажа и СЗО која апелираше да се носат маски, да се одржува хигиена и дистанца.
Не станува збор за вакцини наместо маски, дистанцирање, вентилација и хигиена на рацете. Правете го сето тоа. Правете го постојано и правете го добро“, рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус.
Да се сугерира да не се носат маски, бидејќи коронавирусот е глупост е многу неодговорно. Коронавирусот во никој случај не е глупост. Овој вирус досега зарази милиони луѓе ширум светот и одзеде илјадници животи. Новата варијанта омикрон сериозно се заканува да стане доминатна за брзо време и поради тоа мора да се почитуваат сите мерки за заштита. Маските не се основа на коронавирусот и нивното тргање во никој случај нема да ја сопре пандемијата, туку само ќе ја разгори уште повеќе. Поради тоа, постот кој го рецензираме можеме да кажеме дека е невистинит.Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар