©2008 - Сите права се задржани. Powered by TVM.


Проверка на факти

Македонската економија полека се престројува на гас

Минатата година се потрошени рекордни 420 милиони нормални кубни метригас. Во Македонија до 2024 година треба да се обезбедат капацитети за пристап до 5,5 милијарди кубни метри гас со интерконекцијата со Грција. Земјава треба да стане гасен јазол од каде гас ќе влечат Косово и Јужна Србија.
 |  инфодеск  | 
Гас

Северна Македонија за две години ја напушта целосната зависност од рускиот гас. Првите количини на руски гас во Северна Македонија пристигнаа во втората половина на 90-тите години. Капацитетот на цевката е 800 милиони кубни метри гас, при притисок од 40 бари. Доколку се смени компресорската станица кај Ќустендил на 54 бари, можеме да добиеме максимален капацитет од 1,2 милијарда кубни метри гас.

Но, овој капацитет никогаш не достигна искористеност повеќе од 40 отсто. Причините, според Мирче Адамчевски, поранешен дописник на „Нова Македонија“ од Москва и одличен познавач на приликите со рускиот гас, се политички.

Русија ги користи гасот и енергетиката како оружје. Тоа што сме зависни само од еден извор на гас нè прави многу ранливи како економија, вели Адамчевски.

Тој смета дека мораме да имаме диверзифициран пристап до гас за да ги користиме неговите благодати.

Ова се наведува и во публикациите на Европската Унија. Европската комисија, во својата студија „Енергијата како алатка на надворешната политика на авторитарните земји, со осврт на Русија“, тврди дека Русија ги користи енергетските ресурси да ги заштити и промовира интересите и да го прошири геополитичкото учество во други држави.

За Митко Андреевски, поранешен советник за гасификација во Владата предводена од експремиерот Зоран Заев, искористеноста на гасот е недоволна.

Парадоксот на оваа држава е пред 10 години да имаме виртуелен гасовод во Струмица, каде гас се носи со камиони и да имате 400 корисници на гас, а во Скопје, кое има цевка за гас од пред 30 години да немате ниту едно приклучено домаќинство на тој гасовод, вели Андреевски.

И тој, исто така, смета дека поврзаноста само со рускиот гас ја прави македонската економија премногу ранлива и нестабилна.

Досега беше многу несигурна употребата на рускиот гас. Ако, на пример, еден бизнисмен треба да одлучи во каква технологија ќе инвестира, гасот беше на последно место бидејќи ќе си го постави прашањето: иако гасот е најевтин, што ако Путин го затвори вентилот? Мојот капацитет треба да стои сè додека да се смилуваат Русите да ми пуштат гас, вели Андреевски.

Тој смета дека овие стравови веќе ќе ги нема по 2024 година, кога треба да потечат првите количини од интерконекторот за Грција.

Јужен тек (Турски тек) не ѝ треба на Северна Македонија

Поврзувањето со рускиот гасовод порано познат како Јужен тек, а сега Турски тек, ќе ги зголеми безбедносните ризици во земјите од Централна и Источна Европа. Ова се наведува во публикацијата на Центарот за проучување на демократијата од Софија. Тие наведуваат дека учеството на рускиот гас во Европа за 10 години пораснало од 30 на 35 отсто.

Според познавачите на приликите со гасот во земјава, приклучокот кон него е нелогичен.

Ако имаме една цевка за руски гас од „Газпром“ уште во 1997 година, којашто до ден-денешен не е искористена повеќе од 40 отсто, зошто ми е тогаш значајно да се приклучувам на уште една цевка на истиот доставувач, а тоа е „Газпром“ преку гасоводот Турски (Јужен) тек. Уште тогаш, пред 10 години, тврдев дека нам ни треба пристап до гас од југ и диверзификација на доставувачите, смета Андреевски.

На сличен став е и Адамчевски.

Во меѓувреме Русија гради уште еден гасовод на Балканот, т.н. Јужен тек, кој преку Турција и Бугарија оди во Србија. Требаше да има и крак за Македонија, но јас сметам дека е непотребно тоа. Тој гас пак ќе биде руски и не гледам причина да се приклучуваме на него, кога веќе имаме една цевка со руски гас, која не е искористена ниту 30 отсто, вели Адамчевски.

Тој додава дека доколку земјава сака да биде енергетски независна, мора да се поврзе на Азербејџанската цевка (ТАП) и на интерконекторот во Александрополис, од каде ќе добиваме гас од бродови. Кога ќе имаме два извора, Русија нема да може економски да нè уценува од политички причини.

Гасното поврзување со Грција ја прави земјава регионален јазол за гас

Поврзувањето со Грција земјава треба да го има преку интерконектор во месноста Неа Месимбрија, на 50-ина километри јужно од Гевгелија и 20 километри северозападно од Солун. Цевката за гас треба да пренесува 2,8 милијарди  кубни метри гас (7 пати повеќе од сегашната потрошувачка на гас во Северна Македонија).

Оваа интерконекција со нашата преносна мрежа ќе се поврзе во Неготино, и се очекува да стане оперативна во 2024 година, со што ги диверзифицираме и стабилизираме нашите извори са снабдување со природен гас. Нашето учество во изгадбата на ЛНГ – терминалот во Александрополис ја зголемува важноста и потребата од брзо поврзување со Р. Грција, вели Бајрам Реџепи, директор на Национални енергетски ресурси (НЕР), компанија одговорна за изградбата на гасоводи во Северна Македонија.

Вкупната вредност на оваа поврзување требаше првично да чини 54 милиони евра. Но, инвеститорите одлучиле да го надградат гасоводот, покрај за транспорт на природен гас (метан), да може во иднина да се користи и за транспорт на водород. Затоа цената на гасоводот е зголемена на 58,5 милиони евра.

Под името гасовод ние денес подразбираме само цевка и систем со којшто се транспортира природен гас. Името гасовод во широка смисла значи цевка за транспорт на гас, а каков ќе биде тој гас, дали метан, дали водород тоа е веќе друго. Така треба да гледаме на идните инвестиции во гасна инфраструктура, вели Андреевски.

Според Европската зелена агенда, Европската Унија треба да се декарбонизира до 2050 година, Јапонија во 2035, додека САД во 2040 година. Тоа значи дека фосилните горива, кои содржат јаглерод ќе бидат исфрлени од употреба. Природниот или земниот гас по хемиски состав е метан со хемиска формула СН4. Иако е најеколошко гориво, сепак содржи јаглерод, а тоа значи има некакво загадување.

Засега најраспространети начини за производство на водород се со раложување на природен гас и вториот е со електролиза на водата.

Втората опција за производство на водород е варијантата што е достапна кај нас. Тоа е употреба = соларни панели кои ќе произведуваат електрична енергија којашто ќе се користи за електролиза на водата (која е со хемиска формула Н2О), ќе се одвои кислородот и останува чист водород Н2, вели Андреевски.

Ова значи дека Северна Македонија во иднина може да го користи овој гасовод и за извоз на водород, доколку го произведе со електролиза на водата, додава тој.

Регионален гасен јазол

Со изградбата на гасното поврзување помеѓу Северна Македонија и Грција, земјава треба да стане гасен јазол на Балканот, од каде што гас треба да повлечат соседните земји.

Во нашите планови е и поврзувањето со двата наши северни соседи, Србија и Косово, како и со Албанија и втор интерконектор со Бугарија кај Струмица, со што се остварува многу солидна основа за создавање интегриран и стабилен регионален пазар на природен гас, вели Реџепи.

Тој додава дека со Србија е предвидено да имаме двонасочна врска, во која ќе можеме и ние да влечеме од кај нив гас и тие да влечат од нашиот гасовод што го градиме сега. Јужна Србија не е поврзана со гасовод со Северна Србија, а е многу поблизу. Помалку од 30 километри е одалечена Србија од сегашнава мрежа на Гама.

Ако Јужна Србија повлече 600-700 милиони кубни метри гас од кај нас, предвидено е да изградиме уште еден интерконектор кон Албанија и тој гас да го повлечеме од таму. Во наредните 15 години се резервирани капацитетите на ТАП. Државите може да повлечат до 10% од тие капацитети, така што ако Албанија не ги користи тие капацитети, можно е ние да ги искористиме тие капацитети. ТАП има капацитет од 20 милијарди кубни метри гас годишно, потенцираат извори на „Вистиномер“ поврзани со изградбата на гасоводната мрежа во земјава.

Потрошувачка на гас

Потрошувачката на гас во земјава секоја година постојано се зголемува. Во Годишниот извештај за 2020 година на Регулаторна комисија за енергетика (стр. 91) е наведено дека во земјава се потрошени 337 милиони нормални  кубни метри гас. Оваа година потрошувачката е зголемена за повеќе од 20 отсто за една година.

2021 година е рекордна во потрошувачката на гас. Сè уште не се готови извештаите, но од она што го знам потрошени се 420 милиони нормални метри кубни гас. Ова е рекордна потрошувачка откако е донесен гасот во државава, вели Марко Беслимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој додава дека рекордната потрошувачка на гас е заслуга на „Те-То,“ но и тоа што економијата си работеше со поголем обем.

Исто така, имавме и неколку нови приклучоци на гасната мрежа. Но, сепак најголемата причина за потрошувачката на овие количини е што компаниите си обезбедија релативно ниски цени на гасот. До 31 декември 2021 година во просек цената изнесуваше околу 230 долари за нормален кубен метар гас. „Макпетрол“ и „Те-То“ си обезбедиле евтини цени во 2020 година, потенцира Беслимовски.

Северна Македонија, но и земјите во регионот, се многу мали потрошувачи на гас. Ова остава простор со пуштањето на интерконекторот со Грција, да се зголеми потрошувачката на гас.

Табела 1. Потрошувачка на гас по жител

 Држава Потрошувачка по жител
               1 Германија                                       1.451 (nm³)
               2 Турција                                          731 (nm³)
               3 Хрватска                                          612 (nm³)
               4 Романија                                          545 (nm³)
               5 Бугарија                                          478 (nm³)
               6 Грција                                          473 (nm³)
               7 Словенија                                          431 (nm³)
               8 Србија                                          389 (nm³)
               9 Северна Македонија                                          200 (nm³)
            10 Босна и Херцеговина                                            60 (nm³)
            11 Албанија                                            16 (nm³)
            12 Косово                                             –
 Извор: https://www.cia.gov/the-world-factbook/field/natural-gas-imports/

Пишува: Горан Лефков

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© 2008 - Сите права задржани. Поддржано од ТВМ ТелевизијА.
Back to Top