Манипулација е дека делта сојот не им може ништо на одредени луѓе
Тоа што го соопштува насловот како информација, не може да се најде во содржинскиот дел на текстот што се споделува на Фејсбук. Податоците од истражувањето, пренесено во написот, покажуваат дека дури и вакцинираните може да појават симптоми односно да се заболат, со тоа што вакцините спречуваат развивање на потешка клиничка состојба, хоспитализација и смрт од овој и другите соеви на коронавирусот. Заклучокот, пак, изнесен во насловот дека „има луѓе на коишто делта сојот на вирусот не им може ништо“, е паушален и неточен.
Тоа што го соопштува насловот како информација, не може да се најде во содржинскиот дел на текстот што се споделува на Фејсбук. Податоците од истражувањето, пренесено во написот, покажуваат дека дури и вакцинираните може да појават симптоми односно да се заболат, со тоа што вакцините спречуваат развивање на потешка клиничка состојба, хоспитализација и смрт од овој и другите соеви на коронавирусот. Заклучокот, пак, изнесен во насловот дека „има луѓе на коишто делта сојот на вирусот не им може ништо“, е паушален и неточен.
Сè почеста тема на пишување во медиумите и на социјалните мрежи е делта сојот на коронавирусот, кој забрзано се шири и полека станува доминантна варијанта во повеќе земји. Па, јавноста сака што е можно повеќе да се информира и покажува високо ниво на заинтересираност за објави поврзани со оваа варијанта на коронавирусот.
Една таква објава на Фејсбук споделува медиумски напис кој во насловот тврди:
Откриено на кои луѓе делта сојот не им може ништо
Но, кога ќе кликнете и ќе го прочитате текстот ќе сфатите дека тоа што го нуди насловот како информација не може да се најде во текстот. Ова е типичен пример на клик-бејт наслов кој истовремено преставува и манипулација на јавноста, која, пак, се надева дека ќе добие дополнителни информации за новиот сој што се шири низ светот. Па, така, очекувајќи дека ќе добиете одговор на кои луѓе делта сојот не им може ништо, ќе останете измамени затоа што тој одговор го нема.
Истражувањата и официјалните податоци за делта сојот сè уште се многу оскудни и недоволни за да може да се извлечат какви било заклучоци.
Сите земји во светот се различни и по бројот на вакцинирано население и по бројот на оние кои веќе го прележале вирусот. Исто така, секоја земја и секој народ има различни социјални навики и на различно ниво им е здравствениот систем за да може да се носат генерални заклучоци.
Во текстот се пренесени податоци од истражување направено од Индискиот совет за медицински истражувања и Националниот институт за вирусологија, во кое се вели дека новите варијанти покажуваат и докажуваат колку вирусот е непредвидлив. Со самото тоа што се тврди дека е непредвидлив, не може истовремено да се тврди дека на одредени луѓе не им може ништо.
Притоа, во текстот се употребуваат термини како „најверојатно“, „отприлика“, „прелиминарни бројки“, што значи дека податоците се само првични и ќе бидат неопходни повеќе истражувања во иднина додека да се добие целата и вистинската слика за делта варијантата на вирусот.
Дека „има луѓе на коишто делта сојот на вирусот не им може ништо“ е паушален и неточен заклучок, затоа што податоците покажуваат дека дури и вакцинираните може да појават симптоми, односно да се заболат, со тоа што вакцините спречуваат развивање на потешка клиничка состојба, хоспитализација и смрт од овој и другите соеви на коронавирусот.
Секое лице кое е вакцинирано, со која било вакцина, статистички може да развие дел од симптомите на вирусот. Ниту една вакцина не нуди 100 отстотна заштита од симптоми на вирусот, туку тој процент варира помеѓу 50% и 99% на заштита од заболување, во зависност од вакцината. Она што го нудат вакцините е заштита од хоспитализација и смртност предизвикана од вирусот.
Впрочем, тоа се вели и во самиот текст, каде што е објаснето кои лица може да имаат поголема заштита, а не кои се отпорни од вирусот.
Според студијата, оние кои биле вакцинирани, а потоа заразени и оние кои го надминале ковидот и примиле една или двете дози на вакцината, имале релативно поголема заштита од делта варијантата, отколку оние кои никогаш не биле заразени, но биле целосно вакцинирани.
Иако сè уште траат испитувањата која вакцина колкава заштита нуди од делта сојот, а одредени производители на вакцини велат дека најверојатно ќе треба и трета доза од вакцината за поголема имунизација, процесот на вакцинација сè уште е единствената заштита од вирусот. Без разлика дали некој го прележал вирусот или не, со вакцината не само што се спречува ширењето на вирусот, туку и развојот на нови соеви и мутации.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.