Skip to main content

Не е точно дека невакцинираните не умираат

Не е вистина дека граѓаните кои нема да примат вакцина против ковид-19 немаат ризик да починат. Тоа е евидентно од статистиките на Институтот за јавно здравје кои секојдневно се споделуваат со јавноста, а кои покажуваат дека поголемиот дел од починатите лица се невакцинирани.

 |   | 

Не е вистина дека граѓаните кои нема да примат вакцина против ковид-19 немаат ризик да починат. Тоа е евидентно од статистиките на Институтот за јавно здравје кои секојдневно се споделуваат со јавноста, а кои покажуваат дека поголемиот дел од починатите лица се невакцинирани.

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се прави дистинкција меѓу смртниот исход на вакцинираните и на невакцинираните граѓани. Меѓутоа, тоа се прави на неточен начин, односно фактите не кореспондираат со реалните. Во постот се вели:

Сега е веќе сосема јасно дека невакцинираните НЕ УМИРААТ како што предвидуваа ТВ експертите во бели мантили.

Не е точно дека граѓаните кои нема да примат вакцина против ковид-19 немаат ризик да починат. Тоа е евидентно од статистиките на Институтот за јавно здравје кои секојдневно се споделуваат со јавноста.

Реалноста покажува нешто сосема друго. „Вистиномер“ ги разгледа статистиките од први до шести февруари 2022 година, како само мал показател за нашето докажување на фактите.

На шести февруари, регистрирани се 29 починати лица во ковид статистиката. Од нив 6 биле целосно вакцинирани, а 23 не биле. Кај 26 лица биле регистрирани коморбидитети.

На петти февруари 2022 година регистрирани се 16 починати лица, од кои 3 биле целосно вакцинирани, а 13 не биле. Кај сите 16 лица се регистрирани коморбидитети.

На четврти февруари 2022 година регистрирани се 39 починати лица од кои 7 се целосно вакцинирани а 32 не се. Кај сите 39 лица се регистрирани коморбидитети.

На трети февруари 2022 година регистрирани се 24 починати лица од кои 9 се целосно вакцинирани, а 15 не се. Кај 20 лица биле регистрирани коморбидитети.

На втори февруари 2022 година регистрирани се 26 починати лица. Од нив 12 целосно биле вакцинирани а 14 не биле. Кај 25 лица се регистрирани коморбидитети.

На први февруари 2022 година, регистрирани се 35 починати лица, од кои 13 се целосно вакцинирани а останатите не биле. Кај 34 лица се регистрирани коморбидитети.

Од статистиката на Институтот за јавно здравје може да се заклучи дека поголемиот дел од починатите лица се невакцинирани, а заедничко за најголемиот дел од починатите пациенти од ковид е тоа дека имаат други придружни болести односно коморбидитети.

И искуствата на лекарите коишто две години работат во ковид центрите, покажуваат дека вакцината е спасоносна во поглед на смртниот исход, во голем број случаи. Така, доктор Илир Демири, инфектолог од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на прес конференција минатата недела истакна:

Луѓето не треба да се опуштаат и да мислат дека омикрон е лесна варијанта, затоа што ова охрабрување е клинички неиздржано. Од моето досегашно искуство не сум видел ниеден починат од ковид без коморбидитети, а да е редовно вакциниран. Единствената мерка која би не заштитила да го поминеме ова полесно е вакцинацијата и тоа е наша обврска. Жално е пациент да живее во Скопје а да не е вакциниранапелираше доктор Демири, кој истовремено е и член на Комисијата за заразни болести.

Точно е дека во статистиката на починати од ковид-19 има и вакцинирани граѓани, меѓутоа повеќето од нив имале и придружни болести односно коморбидитети. Не е точно дека ако сте невакцинирани, немате ризик од смрт доколку се заразите со ковид и доколку развиете тешка форма на болеста. Оттука, оценуваме дека не е вистина тврдењето во постот дека невакцинираните не умираат од ковид-19. Напротив, дневните статистики од Институтот за јавно здравје го покажуваат токму спротивното, дека најголем дел од починатите се невакцинирани.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар