Skip to main content

Не е точно дека спајк протеинот во вакцината против ковид-19 е отровен

Голем број медицински и научни извори се согласуваат дека спајк протеинот во вакцината не е ист како тој на коронавирусот и го има во многу мали количества, а телото го отстранува без последици откако ќе се создаде имун одговор.

 |   | 

Голем број медицински и научни извори се согласуваат дека спајк протеинот во вакцината не е ист како тој на коронавирусот и го има во многу мали количества, а телото го отстранува без последици откако ќе се создаде имун одговор.

Рецензираме пост на Фејсбук кој тврди дека cпajк пpoтеинот од вакцините е отров кој предизвикува вocпаление на белите дробови. Ова не е точно. Имено, спајк протеинот што се создава по вакцината против ковид-19 не е ист како тој на коронавирусот и тоа го потврдуваат многу домашни и странски специјалисти епидемиолози.

Во постот се споделува излагање на д-р Рајан Кол. Во декември, 2021 година, овој контроверзен патолог кој беше критикуван дека шири лажни вести за вакцините против ковид-19 и кој го промовираше и препишуваше ивермектинот како лек против коронаворусот, ја напушти здравствената мрежа која обезбедува грижа за повеќе од 160.000 луѓе во државата. Претходно, во октовмри 2021 година, медицинската комисија во Вашингтон отвори истрага против Кол, кој добил лиценца во државата во 2007 година.

Во написот, д-р Кол посочува дека „спајк протеинот од вакцината е отров кој циркулира во крвта на луѓето и завршува во многу органи, предизвикувајќи исти симптоми како коронавирусот“.

Значи, тој спaјк-протеин не останува во делтоидниот мускул, туку циркулира во вашата крв, завршува во многу од вашите органи. И што се случува потоа? Во вашето тело е присутен спaјк-протеин без „телото” на вируcот. Направивме истражувања на животни во лабораториите. Кога во животните ќе го вбризгате само спајк-протеинот, без „телото” на вирусот, тој спајк-протеин ја предизвикува иста болест која ја гледаме и кај ковид 19. Исти болести на белите дробови, исти васкуларни болести, болести на срцето, исти болести на мозокот. Спајк-протеинот е отров! И повторно прашувам: Зошто во човековото тело вбризгуваме отров? Вaкцината ги растура, ги фрагментира митохондриите на вашите клетки, а митохондриите се нивниот мотор, посочува докторот.

Тој понатаму во написот спомнува и извесна харвардска студија спроведена врз медицински сестри која покажала дека спајк протеинот циркулирал во крвта најмалку 2 седмици.

Но, тоа е погрешно интерпретирање на научна студија. Станува збор за студија која се однесува на здравствени работници вакцинирани со вакцина на „Модерна“. Во студијата детектиран е спајк протеин во крвта на 11 од 13 учесници. Коавторот на студијата укажува дека таа не сугерира оти ковид вакцините се штетни, туку дека таа е интерпретирана на погрешен начин. Дејвид Р Валт, експерт во дијагностичко тестирање на патологија во Бостон Масачусетс, вели дека студијата имала за цел да види дали истражувачите можат да користат ултрасензитивен тест за да детектираат циркулирачки антигени продуцирани од мРНК вакцината.

Утврдивме дека можеме да детектираме исклучително ниски нивоа и концентрации на С1, субединица на спајк протеинот во 11 од 13 здрави вакцинирани индивидуи, и целосниот спајк протеин во 3 од 13, изјавил тој за Асошиејтед прес.

Тој додава дека присуството на минорни количества спајк протеин не значи дека мРНК вакцините имаат потенцијал да предизвикаат сериозна штета.

Најдовме дека за неколку дена од појавата на антигенот, индивидуите развиваат антитела кои го отстрануваат антигенот од крвотокот. Нашиот заклучок е дека вакцината функционира како што требадодал тој.

Спајк протеинот по вакцината не е ист како спајк протеинот на коронаворусот

Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ претходно изјави дека спајк протеинот што се создава по вакцината не е ист како тој на коронавирусот.

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.

И други експерти се изјаснија околу протеинот од вакцините. Доктор Едвард Ниренберг демонстрира дека количината на спајк протеин што ја создаваат нашите клетки по вакцинацијата е 100 илјади пати помала од нивото на спајк протеин во вирусот, кој предизвикува штета. Исто така, овој спајк протеин, создаден од вашите клетки, не е ист како вирусниот спајк протеин.

Доктор Давид Горски, на пример, детално објаснува дека вакцината против ковид-19 може да штити не само од инфекција со Сарс Ков 2, туку и од штети од спајк протеинот.

мРНК или аденовирусот од вакцината не се дистрибуира екстензивно, затоа што инјекцијата се дава во мускулот на рамото. Спајк протеинот е многу веројатно дека нема да биде во концентрации ни оддалеку слични на тие што се создаваат во моделите од експериментите. Спајк протеинот од вакцината не се закачува за вирусната честичка, туку си постои како единечна протеинска молекула. И на тоа додадете го фактот дека модифицираната мРНК во вакцината не се задржува многу долго во телото и не генерира спајк протеин долго времепишува Горски.

Професорот Трент Мунро, кој бил вклучен во создавањето на кандидат за ковид вакцина од Универзитетот Квинсленд, за Асошиејтед Прес изјавил дека дозата од мРНК вакцината е многу мала и специјално дизајнирана за да осигура дека мала количина на спајк протеин е продуцирана од инјектирана РНК.

За време на развојот на вакцините, беа тестирани неколку количини на дозата, за да се пронајде дозата што е доволна да овозможи најдобар имун одговор и да заштити против ковид 19. Нема познати токсични ефекти од овој процес по вакцинација со мРНК вакцина, рекол тој.

Имајќи го предвид сето ова, можеме да заклучиме дека тврдењата за опасноста на спајк протеинот и неговата поврзаност со вакцината, се невистинити. Ова доаѓа оттаму што голем број медицински извори се согласуваат дека спајк протеинот по вакцината не е ист како тој на коронавирусот и го има во многу мали количества, а телото го отстранува без последици откако ќе се создаде имун одговор.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар