Не е точно дека граѓаните панично ги повлекуваат депозитите
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се споделува напис со наслов: „Панично повлекување на депозитите од македонските банки“.
Во текстот се изнесени неколку тврдења. Прво, се вели дека:
Според информации на Инфомакс, изминатите неколку денови, македонските граѓани масовно ги повлекуваат парите од банките, пред се поради неизвесната ситуација во која се наоѓа светот и државата.
Во написот уште се вели:
Овој податок треба да не загрижи сите бидејќи ако продолжи со зголемен обем, се доведува во прашање солвентноста на македонските банки.
За овој загрижувачки тренд придонесе и падот на каматната стапка за орочените депозити во изминатата година и месец.
Текстот потоа заклучува:
Каде граѓаните ги трошат парите од овие депозити можеме да видиме по празните полици во големите маркети и паничното купување од страна на граѓаните на основни прехрамбени продукти.
Исто така, се наведува дека „минатата година македонската економија забележала инфлација од 7,6 проценти, која го изела стандардот на граѓаните“, а според наводите во написот инфлацијата „се очекува да галопира и понатаму во услови кога веќе утре се одмрзнуваат цените на основните продукти кои поради енормното зголемување на цените беа замрзнати од страна на Владата“.
„Вистиномер“ се обрати до Народната банка на Република Северна Македонија со повеќе прашања во врска со вистинитоста на наводите изнесени во текстот што се споделува во оваа објава на Фејсбук. Во НБРСМ прашавме:
- Дали е точно дека изминатите денови, граѓаните масовно ги повлекуваат депозитите од македонските банки?
- Дали постои промена во солвентноста на македонските банки, за која што НБРСМ е запознаена?
- Може ли да ни дадат конкретна бројка колкава е каматната стапка за орочените депозити и дали таа бележи пад во изминатата година и месец (како што се наведува во текстот погоре)?
- Дали се очекуваа инфлацијата да галопира?
Од Народната банка побаравме и ниво на депозити и подигања на денари и девизи на граѓаните и фирмите во банките во изминатите 15 дена, збирни податоци. Или, пак, податоци во формат во кој ги систематизираат, а кои би го покажале нивото на депозити и подигања на средствата пред и по почетокот на инвазијата на Русија во Украина, од кои може да се направи споредба.
Од НБРСМ за „Вистиномер“ изјавија дека „не се точни информациите дека деновиве се случуваат панични повлекувања на депозити од банките“.
Согласно податоците на НБ, а ние го следиме движењето на вкупните депозити на дневна основа, движењата на депозитите не отстапуваат од вообичаените промени во текот на месецот. Впрочем, податоците покажуваат дека продолжува трендот на кумулативно зголемување на депозитите во домашните банки и во текот на февруари, велат оттаму.
Од институцијата додаваат дека на дневна основа движењата на вкупните депозити се условени од повеќе фактори, а, пред сè, од поголемите приливи на сметките во деновите на исплата на плати, пензии и други примања и последователни измирувања на обврски и трошења на граѓаните во наредните денови.
Анализата на неделните промени на депозитите на домаќинства во просек упатува на поповолни движења на овие депозити во последната недела од февруари (заклучно со 27 февруари) во однос на претходната недела од месецот. Така, во просек во последната недела депозитите на домаќинствата се зголемени за по околу 230 милиони денари дневно или околу 1,6 милијарди за целата недела, додека претходната недела во просек на дневна основа тие се намалиле за околу 114 милиони денари или околу 800 милиони за целата недела. Притоа, заклучно со 27 февруари, на месечна основа депозитите на домаќинства пораснале за околу 2 милијарди денари, наведуваат од НБ.
Оттаму додаваат дека „солвентноста на македонските банки, во никој случај не е доведена во прашање“.
Напротив, низ годините формирани се доволно заштитни механизми и стабилноста на банкарскиот систем е на највисоко ниво, што е забележано и во извештаите на меѓународните финансиски институции. Исто така, во домашниот банкарски систем нема банка во доминантна сопственост на акционери од Русија и Украина, со што, од овој аспект, не постои изложеност за влијание врз стабилноста на банкарскиот систем, објаснуваат од НБ.
Во однос на каматната стапка на депозитите, таа во јануари 2022 има намалување на месечна и на годишна основа за 0,03 отсто, односно 0,22 отсто.
Но, ако погледнете има намалување и кај каматната стапка на кредитите на месечна и на годишна основа за 0,02 отсто, односно за 0,27 отсто. Намалувањето на каматните стапки и на кредитите и на депозитите е резултат на олабавувањето на монетарната политика преку намалување на основната камата, со цел да се обезбеди поголема ликвидност во економијата со цел поддршка на компаниите и граганите во време на светска пандемија. Во однос на инфлацијата, истата е над првичните проекци и, со 6,7 отсто инфлација во јануари. Но, ова е умерена инфлација, а не галопирачка. Глобално цените на храната и на енергенсите растат и ова е светска појава, а не само кај нас. Кај многу економии се забележуваат и повисоки стапки на инфлација. Тековните случувања во руско – украинските односи дополнително делуваат на глобалните пазари на примарни производи, но ефектите и времетраењето на овие трендови ќе зависат од понатамошниот развој на кризата. Тековно, секаде се преоценуваат претпоставките поврзани со инфлацијата, но во ниедно сценарио ниту за глобалната, ниту за домашната економија не станува збор за галопирачка инфлација. Она што е важно да се нагласи и да се направи разлика во јавноста е дека инфлацијата не е и девалвација. Одговорно тврдиме дека денарот е и ќе остане стабилен. Располагаме со голем број на монетарни инструменти, меѓу кои најважни се девизните резерви кои се на високо ниво, двојно повисоко од 2008 година. Стабилноста на курсот на денарот нема да биде доведена во прашање, уверуваат од НБ.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина изнесеното во постот што го рецензираме дека „граѓаните панично ги повлекуваат депозитите од македонските банки“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар