Не е точно дека Русија не гранатира цивилни објекти и дека снимките од Мариупол се лажни
Говорејќи за состојбата со руско-украинскиот конфликт и гранатирањето на цивилни објекти во украинскиот град Мариупол од страна на руската војска, амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин ја даде следната изјава:
Ние правиме се за да спречиме какви било цивилни жртви. На почетокот на специјалната воена операција руското воено раководство даде јасна и недвосмислена наредба да не се напаѓаат населени места и цивилни инфраструктурни објекти. Нашите вооружени сили заедно со војниците на Доњецка и Луганска Република користат високо прецизно оружје и ја уништуваат исклучиво, нагласувам, воената инфраструктура на украинските власти во контекст на задачата за демилитаризација. Оваа наредба се исполнува. Сепак, сите борбени дејствија се поврзани за жал со жртви. Еден од главните проблеми е користење на цивилното население од страна на нацистичките формации на Украина како жив штит и тоа не фигуративно, туку буквално. Не гранатираме нити детски болници нити било кој цивилен објект.
На прашањето на новинарот дали снимките кои се постираат од Мериупол се лажни, Баздникин вели: Точно.
[Извор:Јутјуб – Сител телевизија (од 15:15 до 17:54 минута во видеото ); Датум: 10.03.2022]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Тврдењето на рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, дека руската војска не напаѓа и не гранатира цивилни објекти во Украина, е невистинито. Снимките од Мариупол, но и од другите градови на кои се гледаат разрушени цивилни објекти, не се лажни, како што сака тоа да го прикаже Баздникин.
На 11 март, како што пренесе ТВ 21, објавувајќи видео материјал, мета на руските напади беше градот Днипро. Во раните утрински часови се случија три воздушни напади во градот. Беше погодена детска градинка, станбена зграда и фабрика за чевли. Стигнаа извештаи и за бомбардирања во градот Луцк, во северозападниот дел на Украина. На 16-тиот ден од руската агресија, беше погодена и психијатриска болница во источниот град Изум, информираа регионалните власти. Во болницата имало 330 луѓе, а бројот на жртвите беше непознат.
Што се однесува до градот Мариупол, тој на 2 март беше под 14-часовно гранатирање од страна на руската војска, а тоа го потврдија локалните украински власти.
Како што пренесе СДК.мк бројни цивили загинале како резултат на 14-часовното интензивно гранатирање на градот, кој со денови е под опсада на руските сили. Овој град на брегот на Азовското Море е стратешки важен за Русија, зашто овозможува копнено поврзување на анектираниот полуостров Крим со сепаратистичките трупи во источна Украина.
Не го знаеме точниот број на жртвите, но веруваме дека има стотици мртви. Не можеме да ги собереме телата. Руската војска ги користи сите можни оружја и се обидува целосно да го уништи градот, изјави заменик-градоначалникот Сергиј Орлов.
Градоначалникот Вадим Бојченко кажа дека руските трупи ја запреле евакуацијата на цивилното население.
Има огромни уништувања на станбената инфраструктура. Има многу ранети, а, за жал, и мртви, меѓу нив и жени, деца и стари луѓе. Се случува геноцид на украинскиот народ. Окупациските сили на Руската Федерација сторија сè за да се спречи излегувањето на цивилите од градот. Прекинат е и железничкиот сообраќај, а локомотивите се гранатирани. Нивната цел е да нè уништат“, кажа Бојченко.
На 10 март беше гранатирана и детска болница во Мариупол за што потврда дојде од украинскиот претседател Володомир Зеленски и од началникот на регионалната воена администрација, Павло Кириленко.
Претседателот Зеленски на Твитер објави снимка од инцидентот – што тој го опиша како „директен удар“, а на снимките се прикажани уништени простории долж ходникот во зградата.
Воен напад врз породилиште е конечен доказ дека се спроведува геноцид врз Украинците. Европејци, нема да можете да кажете дека не сте знаеле што се случува на Украинците во Мариупол. Поради тоа мора да ги зголемите санкциите врз Русија, на тој начин што никогаш повеќе нема да може да го продолжи овој геноцид. Морате да извршите притисок врз Русија за таа да седне на преговарачка маса и да се стави крај на оваа варварска војна, рече во видео обраќање Зеленски.
Видеоснимки од нападите на Фејсбук објави и началникот на регионалната воена администрација, Кириленко.
Во нападот загинале повеќе деца, а повредена била и бремена жена која чекала породување. Според украинските власти ова бил само еден од вкупно три напади кои руската војска ја извршила врз болници. Бомбардирани биле и две болници во градот Житомир, кој се наоѓа на околу 150 километри западно од Киев.
Снимки од нападот врз детската болница во Мариупол во која настрадаа и трудници, објавија и Њујорк Тајмс и Еј Би Си Њуз.
Министерството за надворешни работи на Украина на 12 март објави дека руските сили гранатирале џамија во јужниот дел на украинскиот град Мариупол, каде што биле засолнети над 80 деца и возрасни. Украинското министерство на Твитер објави дека џамијата на султанот Сулејман Величествениот во Мариупол била гранатирана од руски „напаѓачи“.
https://platform.twitter.com/embed/Tweet.html?dnt=false&embedId=twitter-widget-1&features=eyJ0ZndfZXhwZXJpbWVudHNfY29va2llX2V4cGlyYXRpb24iOnsiYnVja2V0IjoxMjA5NjAwLCJ2ZXJzaW9uIjpudWxsfSwidGZ3X3NlbnNpdGl2ZV9tZWRpYV9pbnRlcnN0aXRpYWxfMTM5NjMiOnsiYnVja2V0IjoiaW50ZXJzdGl0aWFsIiwidmVyc2lvbiI6bnVsbH0sInRmd190d2VldF9yZXN1bHRfbWlncmF0aW9uXzEzOTc5Ijp7ImJ1Y2tldCI6InR3ZWV0X3Jlc3VsdCIsInZlcnNpb24iOm51bGx9fQ%3D%3D&frame=false&hideCard=false&hideThread=false&id=1502555077089034245&lang=en&origin=https%3A%2F%2Fvistinomer.mk%2Fne-e-tochno-deka-rusija-ne-granatira-civilni-objekti-i-deka-snimkite-od-mariupol-se-lazhni%2F&sessionId=6ac7d3c601f828076f5e1859e219ff3c4043fad0&theme=light&widgetsVersion=c8fe9736dd6fb%3A1649830956492&width=550px
На 14 март, беа објавени видео снимки од гранатирањето на Мариупол, направени од воздух.
Видеото од беспилотно летало го сними моментот кога руските проектили го претворија опколениот јужен украински град Мариупол во пеколен пејзаж додека московските сили продолжуваат да ги бомбардираат зградите, а цивилите останаа без храна и вода.
За тоа каква е состојбата по гранатирањето во Мариупол, репортажа направи Радио Слободна Европа.
Тврдењето на рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин дека руските вооружени сили не гранатираат цивилни објекти и дека снимките од Мариупол се лажни, делува чудно и во најмала рака прозвучува неразумно во ситуација кога бројни светски и домашни медиуми постојано објавуваат снимки од разрушени цивилни објекти во Украина. Не е можно сите тие снимки кои се појавуваат во медиумите и на социјалните мрежи да бидат лажни. Потврда за ваквите информации доаѓа и од украинските власти
Имајќи го предвид сето ова, изјавата на Баздникин ја оценуваме како невистинита.
ИЗВОРИ:
- Јутјуб – Сител телевизија (10.03.2022) – Тема на денот со амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин [Пристапено 15.03.2022]
- ТВ 21 (11.03.2022) – Русија гранатира болници и детски градинки – Зеленски: Светот треба да знае дека имаме работа со терористичка држава! [Пристапено 15.03.2022]
- Сдк.мк (02.03.2022) – ВО МАРИУПОЛ ИМА СТОТИЦИ МРТВИ, ГРАДОТ СЕ ГРАНАТИРА 14 ЧАСА, ВЕЛАТ ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ [Пристапено 15.03.2022]
- Радио МОФ (10.03.2022) – Гранатирана детска болница во Украина, Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства [Пристапено 15.03.2022]
- Слободен печат (09.03.2022) – ВИДЕО: Украинците тврдат дека Русија нападнала детска болница во Мариупол, Зеленски објави снимки на Твитер [Пристапено 15.03.2022]
- Фејсбук профил на Павло Кирилинеко (09.03.2022) [Пристапено 15.03.2022]
- Њујорк тајмс (09.03.2022) – Видеа покажуваат разорен напад врз породилиштето во болницата во Мариупол [Пристапено 15.03.2022]
- Еј Би Си Њуз (09.03.2022) – Руските напади ја уништија детската болница во Мариупол [Пристапено 15.03.2022]
- 360степени.мк (12.03.2022) – МНР на Украина: Русија гранатираше џамија во јужниот дел на Мариупол [Пристапено 15.03.2022]
- Независен.мк (14.03.2022) – Видео снимки од воздух на пеколот на земјата – Мариупол [Пристапено 15.03.2022]
- Фејсбук страница на Радио Слободна Европа (10.03.2022) – [Пристапено 15.03.2022]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар