Пациентот хоспитализиран со делта сој во велешката болница, не е држен насила
Делта сојот е потврден кај пациентот кој е хоспитализиран во велешката болница, а тој самиот се пријавил на лекување и таму останува до негативизирање на неговиот тест. Тој не е здрав и не се држи со сила во болница, како што невистинито се тврди во постот. Напротив, секој пациент повозрасен од 18 години има право да го напушти болничкото лекување, доколку потпише таква изјава на сопствена одговорност. Исто така, не е вистина дека вакцинацијата е измама. Таа, според огромен број медицински експерти, ќе доведе до колективен имунитет и ќе спречи смрт и тешка форма на ковид дури и доколку вакцинираниот се зарази со вирусот.
Делта сојот е потврден кај пациентот кој е хоспитализиран во велешката болница, а тој самиот се пријавил на лекување и таму останува до негативизирање на неговиот тест. Тој не е здрав и не се држи со сила во болница, како што невистинито се тврди во постот. Напротив, секој пациент повозрасен од 18 години има право да го напушти болничкото лекување, доколку потпише таква изјава на сопствена одговорност. Исто така, не е вистина дека вакцинацијата е измама. Таа, според огромен број медицински експерти, ќе доведе до колективен имунитет и ќе спречи смрт и тешка форма на ковид дури и доколку вакцинираниот се зарази со вирусот.
Рецензираме пост на Фејсбук, во којшто се обвинува велешката болница дека насила држи пациент, кој само дошол да испита синуси, а наместо тоа завршил со хоспитализација, откако бил тестиран за присуство на коронавирусот и кај него била потврдена делта варијантата на истиот.
Во постот се вели:
Здрав човек во велешката болница, наместен уште недојден, како жртва во пропагандистички сатанистички цели. Не го пуштаат човекот, кој им вели дека само сакал да испита синуси, го тестирале и стрпале во болница. Јас не поддржувам фашизам во медицина, а тие што свесно го поддржуваат овој сатанистички проект нека се тргаат од мене и нека шетаат голи по улици.
Како илустрација во склоп на постот, додадени се медиумски написи во коишто се известува за 43-годишен велешанец, позитивен на делта сојот на коронавирусот, кој се вратил од патување во Англија. Врз еден од написите пишува ,,измама”, со што се инсинуира дека пациентот е здрав, односно насила е држен во болницата.
„Вистиномер“ стапи во контакт со службата за односи со јавност во велешката болница, од каде што ни рекоа дека пациентот е дијагностициран со делта сојот на вирусот, потврден и со ПЦР тест и со секвенционирање. Така што, во постот сосема невистинито се тврди дека тој е здрав.
Освен тоа, пациентот сам дошол на болничко лекување и во секој момент (како и секој друг пациент) има право да го прекине истото на своја одговорност, што досега не се случило.
Секој пациент, кој е полнолетен, е своеволно хоспитализиран во болницата. Секој кој не сака да лежи во болницата може да потпише и да замине и да изјави дека го прекинува болничкото лекување. Ниеден пациент не може насила да биде хоспитализиран. Конкретниот пациент е потврден на делта сојот на коронавирусот. Своеволно е на болничко лекување и самиот дојде во болницата, изјавија за „Вистиномер“ од велешката болница.
Во склоп на постот, има и друга фотографија на којашто е испишан апел за вакцинација на населението во кој се вели:
Вакцинирај се, да дојдеме до нула нови случаи со ковид-19.
Врз овој постер, изработен од Институтот за јавно здравје, исто така, испишан е зборот ,,измама” и знак на ѓаволче.
Но, вистината е дека вакцинацијата обезбедува колективен имунитет, а колективниот имунитет спречува вирусот да се шири од едно на друго лице. Како што пишува доктор Горан Кунгуловски од клиниката „Жан Митрев“, во наредниот период има шанси делта сојот да стане доминантен во земјава и во другите земји.
Има големи шанси делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и Македонија во наредниве неколку месеци. А тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните. За да ги направиме малце полесни овие неколку месеци, треба да знаеме дека:
1. Вакцините уште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но истата е доволна за да се неутрализира и сузбива пандемијата. Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата.
2. Вирусот еволуира со тоа што се дели во својот домаќин. За да престане да еволуира и да прераснува во нови форми (за коишто можеби тековните вакцини нема да може да помогнат), треба да престане да се дели – а за да престане да се дели треба да престане да скока од еден домаќин (човек) на друг. За да престане, треба да се стесни ланецот на трансмисија. Тоа се прави со вакцинирање и следење на рестриктивни мерки.
3. Откако ќе се вакцинира голем дел на населението (се надевам), а и многу порано ќе треба да се спрема стратегија за вакцинирање со booster доза (но моментално тоа е секундарно).
Луѓето да се вакцинираат, одговорните прво да набават доволно високо ефективни вакцини и второ да спремаат стратегија за вакцинација со booster дози, пишува тој на Фејсбук.
Поради фактот што делта сојот е потврден кај пациентот, кој е хоспитализиран во велешката болница, а тој самиот се пријавил на лекување и таму останува до негативизирање на неговиот тест, како невистинито го оценуваме тврдењето во постот дека тој таму е здрав и не го пуштаат да излезе. Напротив, секој пациент повозрасен од 18 години има право да го напушти болничкото лекување доколку потпише таква изјава на сопствена одговорност. Исто така, не е вистина, односно дезинформација е дека вакцинацијата е измама. Таа, според огромен број домашни и светски медицински експерти ќе доведе до колективен имунитет и ќе спречи смрт и тешка форма на ковид дури и доколку вакцинираниот се зарази со вирусот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.