Вакцините функционираат, никој не тврди дека се 100 отсто ефикасни
И невакцинираните и вакцинираните можат да заболат и да го пренесат вирусот, со тоа што разликата во исходот од болеста може да биде многу поразлична за овие две групи. Сепак, најголемиот ризик за трансмисија е меѓу невакцинираните, за кои е поверојатно да заболат и да го пренесат вирусот. Ниту една одобрена вакцина против ковид-19 не е 100 отсто ефикасна и тоа досега никој не го тврдел. Делта сојот ја промени, односно ја намали ефикасноста на вакцините, но тие сè уште во најголем број на случаи спречуваат тешка клиничка слика, хоспитализација и смртен исход.
Цела пандемија теоретичарите на заговори дезинформираат за ,,пландемија”
Во постот што го рецензираме, изнесени се купишта дезинформации, како таа за ПЦР тестот, но и тврдењето дека политичарите лажно се вакцинирале. На теоретичарите на заговори дури и со камера им беше вршен директен пренос од вакцинацијата на политичарите, но и тоа не им е доволно да поверуваат дека политичарите навистина примија вакцина. Неточно е и изнесеното во постот дека вакцината не е испитана. Целата теорија на заговор за „непостоечката пландемија“, се врши и врз грбот на медиумите, кои во текот на пандемијата известуваа секојдневно од многу ризични локации, како болници, ковид одделенија, црвени зони, гранични премини каде што во снег беа примопредавани донирани вакцини од Србија.
ФДА не рекла дека вакцините убиваат повеќе луѓе отколку што спасуваат
Стив Кирш не е вработен во Американската агенција за храна и лекови (ФДА), па оттука и неговите ставови во никој случај не можат да се оценат како ставови на Агенцијата, ниту, пак, може да се каже дека имало превирања во ФДА во врска со квалитетот на вакцините. Кирш не е медицинско лице и неговите наводи не се научно базирани. Тој се повикува на системот ВАЕРС до кој несакани ефекти по вакцинација може да пријави секој. Според тоа, тврдењето во овој пост на Фејсбук, дека ФДА излегла со став оти вакцините против ковид-19 „убиваат повеќе луѓе отколку што спасуваат“ е дезинформација. Тоа е став на поединец, кој нема никаква врска со ФДА.
ПЦР тест не покажува дека „лош грип“ е ковид!
Наративот во постот што го рецензираме е фиктивна приказна, измислица со која се поистоветуваат ковид и грип, како да се работи за една и иста болест, иако повеќе пати е објаснувано дека ковид има повисока смртност од грипот и за него не постои еден специфичен лек.
Нема докази дека во вакцините против ковид има графен оксид, нерѓосувачки челик и алуминиум
Во ниту една листа на состојки на вакцините кои се јавно достапни, нема наведено дека содржи графен оксидот, нерѓосувачки челик или друга супстанца. Студијата со која се прави обид да се „поткрепи“ тврдењето дека во фајзеровата вакцина има графен оксид, не е прегледана од медицинската заедница, ниту, пак, е поддржана од Универзитетот во Шпанија, Алмерија. На официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, нема графен оксид, нерѓосувачки челик, ни алуминиум како состојки во вакцините.
ПЦР тестовите не се отровни
ПЦР тестот е само обично пластично стапче со памук на врвот, со кое се собираат примероци од носот и грлото и потоа се обработуваат во лабораторија. Ниту содржи отрови, ниту, пак, со него се дава литиум, ниту, пак, некако се наштетува како што лажно се тврди во постот. Сосема е неможно во ПЦР стапчето да има батерија, како што се додава во бесмислените констатации поврзани со 5Г конспирацијата на заговор.
Никој не е принуден да прими трета доза вакцина
Многупати кажан факт е дека вакцинацијата против ковид-19 во Северна Македонија е на доброволна база, исто како и најавената трета доза од вакцината на Фајзер/Бионетек, за која повторно се дадени само препораки и со ништо не е условена.
Училиштата не се отворија за да се собере генетски материјал
Тврдењето дека училиштата се отвораат за „да се собере генетски материјал“ се коси со законите кои се однесуваат на тајноста на здравствените податоци и заштита на правата на пациентите. Споделувањето на ставови со сомнеж за „собирање на генетски материјал“ не е ново и често е присустно кога се споменува вакцинацијата против ковид-19. Овие сомневања доаѓаат во пресрет на најавениот скрининг за присуството на коронавирусот меѓу училиштата. Министерството за образование и наука (МОН) информира дека на дневна основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици.