Нема докази дека петмина од Свети Николе починале или се во тешка состојба поради вакцината
Во статистиките на Институтот за јавно здравје за починати од ковид од 1 до 14 септември нема евидентирани лица од Свети Николе на возраст до 45 години. Во овој временски период, на 14 септември поради ковид починал 66 годишен жител на Свети Николе, а на 6 септември 57 годишен човек од истиот град. За последните две недели тоа се единствените два смртни случаи од ковид во овој град. Исто така, никој досега во МАЛМЕД (Агенцијата за лекови и медицински средства која што е задолжена да прима пријави за несакани дејства) не пријавил сериозни последици после вакцинација, ниту пак, смртен случај.
Не е вистина дека се убиени тројца претседатели зашто се спротивставиле на вакцинацијата во нивните држави
Двајца од тројцата претседатели споменати во постот се починати во болница од срцев удар (на Танзанија и Бурунди), а еден е застрелан и убиството не се поврзува ниту со коронавирусот, ниту со вакцинацијата (на Хаити). Така што, тврдењето дека некој ги убил сите тројца за да може во овие земји да се даваат вакцини, го оценуваме како невистина.
Никој не нуди пари за семејството да потпише дека блискиот починал од ковид
Не е вистина дека болниците нудат пари на семејствата за покривање на погребните услуги доколку потпишат дека блискиот починал од ковид. Семејствата немаат право да одлучат од што починал нивниот близок, тоа е работа на лекарите.
Лажно се тврди дека цитокинската бура кај пациент настанала поради примена вакцина
Тврдењето во постот дека цитокинската бура кај момчето е последица на вакцината е лажно. Младиот човек при прераскажувањето на своето лично искуство на ниту едно место не тврди дека цитокинската бура настанала како последица на вакцина против ковид-19, туку како последица на самата болест ковид-19. И мајката на момчето во друг пост на Фејсбук, во делот на коментарите под постот, кажува дека тој бил вакциниран со една доза „Синовак“ вакцина и непосредно после тоа се заразил од ковид.
Ензим од отровна змија-ѕвечарка не е пронајден во вакцините против ковид-19
Во вакцината против ковид нема ензим од змија отровница, односно ѕвечарка. Студијата што се споделува во постот не е спроведена на вакцинирани пациенти, туку на пациенти со ковид, кои биле хоспитализирани неколку месеци пред да почне процесот на имунизација. Пронајдените наоди во самата студија воопшто не се однесуваат на вакцината, така што постот што го оценуваме како невистинит.
Фејсбук пост со текст од пред една година тврди дека САД го прекинува финансирањето на СЗО
Пренесениот пост со принтскрин е коментар на текст објавен на 10 октомври 2020 година, кој тврди дека судот ѝ забранува на американската влада да ја финансира Светската здравствена организација (СЗО). Се работи за одлуката на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп да ги повлече САД од членство во СЗО, поради, како што тогаш беше изнесено во јавноста, преголемото влијание на Кина врз работата на СЗО. Меѓутоа, неговиот наследник, Џо Бајден, испрати писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш од 20 јануари 2021 година, во кое информира дека САД го повлекува писмото на Трамп.
Вакцинираните со една доза не се целосно вакцинирани, имунитетот не се создава инстантно!
Не е точно дека вакциниран со една доза е целосно вакциниран. Тоа едноставно не е така никаде во светот и претставува медицински непоткрепено тврдење бидејќи имунитетот после една доза е слаб. На имунолошкиот систем му треба време да функционира и тоа време е оценето од светски експерти 14 дена после втората доза. Не постои ниедна статистика која го потврдува изнесеното во постот, дека 80 проценти од починатите, умираат во меѓупериодот меѓу првата и втората доза.
Коронавирусот е вирус, а не „токсични наночестички“ фрлани од небо!
Наспроти тврдењето во постот дека коронавирусот не постои, тој е изолиран во лабораторија како вирус на 7 јануари 2020 година. Вирусот се шири од устата на инфицирано лице или од течноста во носот кога инфицирано лице кашла, кива, зборува, пее или дише. Овие честички се мали респираторни капки или аеросоли. Тековните докази наведуваат дека вирусот се шири главно меѓу луѓе што се во близок контакт, типично во опсег од 1 метар. Никако преку авиони, стотици метри над површината на земјата. ПЦР тестот којшто се споменува во овој пост, не детектира некакви „токсични наночестички“, туку многу прецизно го детектира коронавирусот!