Британските лекари не добиваат 12.58 фунти по вакцина, туку парите се за ординацијата
Невистинито е тврдењето во постот дека лекарите во Велика Британија ќе добијат пари по администрирана доза на вакцина. Овие пари се за да се спроведе процесот, да се обучат лекарите и да функционираат приватните амбуланти, како што било случај и со вакцината против грип. Британскиот модел на финансирање на амбулантите функционира како мал бизнис, каде што за секоја дополнителна програма потребни се медицински средства, кадар и простор за да се спроведе вакцинацијата, а овие пари, односно фондови, не одат во џебот на лекарот, туку во самата ординација. Но, најголемата невистина е дека овие пари се за да се мотивираат здравствените работници да вакцинираат деца. Овој финансиски надомест е воведен на почетокот на вакцинацијата во Британија, кога воопшто не беше на повидок дека вакцината на „Фајзер“ ќе се администрира на деца.
Не е точно дека бустер дозата од вакцините предизвикува рак и ХИВ
Вакцините против ковид се испитани и нема линк меѓу нив и зголемена стапка на канцер. Тоа го пишуваат и проверувачите на факти на Ју Ес Еј тудеј. Што се однесува до тврдењето дека ХИВ позитивноста „експлодира” преку мРНК вакцината, проверувачите на факти на Ројтерс, веќе го имаат побиено ова тврдење преку изјави од повеќе медицински експерти.
Вакцинацијата е имунизација и штити од тешка форма на болеста
Секојдневно има нови докази дека вакцинираните лица стекнуваат силен имунитет и дека далеку помалку вакцинирани лица се заразуваат. А, што е најважно, доколку се заразат лицата со претходно примени две дози на вакцина, тие имаат далеку полесни симптоми. Впрочем и последните епидемиолошки анализи на Министерството за здравство објавени на 3-ти септември покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид во земјава имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.
Не се развива чип за детекција на ковид, туку сензор од хидрогел кој не може да детектира патогени
Невистинито е тврдењето во овој пост дека е развиен микрочип за детекција на ковид. Сензорот спонзориран од американската војска може да детектира ковид, но не е микрочип. Станува збор за зелен сензор, кој е помал од зрно ориз, ама не е микрочип и во него нема никакви метали или електроника. Сензорот сè уште не е во употреба и е технологија на иднината. Неточно е и тврдењето во постот дека сензорот детектира рани симптоми на ковид, што е непотребно бидејќи самото тело може да ја даде таа информација. Сензорот не детектира ни патогени, ни симптоми, туку молекуларни промени уште пред да се појават симптомите.
Вакцинираните не се полни со токсини
Студија што не е рецензирана и е демантирана од многу истражувачи се пласира како доказ дека со вакцините во телото се внесуваат токсини. Станува збор за невистинита вест, т.е. дезинформација.
Лага за вакцината и децата во училиштата
Лажна вест е пласирана како објава на Фејсбук дека со самото тоа што сте ги испратиле децата во училиште сте дале и согласност за вакцинација против ковид.
Нема лекари во државното здравство што работат за 250 евра плата
Од три извори добивме потврда дека во Македонија не постои лекар што зема 250 евра плата. Платите се многу повисоки.
Вакцината на Фајзер е испитана, а доби и дозвола за целосна употреба од ФДА
За жал на тие што го споделуваат и гледаат видеото, од август 2021 година, вакцината на Фајзер повеќе нема дозвола за употреба во итна состојба, како што имаше дотогаш, туку стана првата вакцина во светот, која доби целосна дозвола за употреба од Американската агенција за храна и лекови.