Скринингот на учениците се прави со согласност на родителите и со него не се врши геноцид врз децата
Како што соопштија здравствените власти, скринингот ќе се спроведува исклучително со согласност од родителите. Таква согласност беше испратена до сите родители и само оние кои ќе ја потпишат согласноста, нивното дете ќе биде тестирано за коронавирус. Со ПЦР тестовите се бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за тестирањето е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. На овој памучен врв нема ништо друго освен памук. Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија. Со тестовите не се врши вакцинација на луѓето.
Лага е дека ковид-19 не постои, дека нѐ прскаат од авиони и дека нѐ чипираат со вакцините
Со теоријата на заговор за „кемтрејлс“ користена во постот, се инсинуира дека авионите нè трујат со хемиски супстанци односно отрови кои предизвикуваат симптоми карактеристични на ковид-19. Ова, се разбира е неточно. Направени се истражувања од научната заедница и не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови. Неточно е и тврдењето во постот дека пандемијата со коронавирусот е измислена и дека вирусот е лажен имагинарен. Ковид-19 постои и е реален, а тоа го потврдуваат секојдневните бројки на заболени луѓе и починати од вирусот на светско ниво. Исто така, апсолутно е невозможно преку вакцините да се изврши чипирање на населението. Вистината е дека состојките на вакцините се позната и јавна информација и ниедна вакцина не содржи микрочип.
Паушални тврдења за појава на оток и плускавец по примена трета доза вакцина
Постот со објавена фотографија на отечена нога со плускавец, наводно, како резултат на примена трета доза од вакцината „Фајзер“ против ковид-19, е паушален и има за цел да ги изманипулира корисниците на социјалните мрежи дека споменатата вакцина е опасна. Од МАЛМЕД велат дека има пријави за сомнеж за несакани реакции кои претежно имаат лесна симптоматолгоија, но, кај нив досега нема пријава за појава на оток со плускавец по примена трета доза вакцина.
Вакцините против ковид не го десеткуваат имунитетот и не предизвикуваат СИДА
Вакцините против ковид-19 не го намалуваат или десеткуваат имунитетот на вакцинираните, како што се тврди во објавата, ниту пак, предизвикуваат синдром на стекната имунодефициенција (ВАИДС) – таканаречена нова состојба којашто антиваксерите ја споредуваат со СИДА. Во реалноста, не постои такво нешто како ВАИДС, а истражувањата покажуваат дека достапните вакцини против ковид-19 им обезбедуваат на примателите зголемена заштита од коронавирусот.
Не е точно дека наскоро ќе биде стопирана вакцинацијата во целиот свет
Тековните соопштенија на светските здравствени регулатори не сугерираат на никакво отстранување или намалување на употребата на вакцините против ковид-19. Од видеото прикажано во текстот не може да се верификува ниту идентитетот на лицата кои зборуваат, ниту адресата од која доаѓа повикот. Вакви видеа може лесно да се исфабрикуваат со постоечките програми за видео и аудио монтажа, иако не може да се тврди дека тоа е сторено. Дури и доколку некој медицински работник има антивакцинален став, тоа е негов личен, а не како што кажува лицето кое е снимано во видеото, дека се во прашање „ медицински причини“. Современата медицина и понатаму останува на страната на вакцините како заштита од ковид-19, односно од хоспитализации и тешка форма на болеста.
Не е точно дека омикрон е производ на вакцинацијата
Научно е потврдено дека од вакцините не може да се инфицирате од коронавирусот. Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од овој вирус. Научната јавност е децидна дека најважниот фактор што го зголемува ризикот од мутации е ширењето на вирусот. Колку вирусот повеќе се шири на одредено место, толку е поголема веројатноста за уникатна мутација. Имено, варијантите на вирусите не се појавуваат поради тоа што луѓето се вакцинираат. Напротив, масовната вакцинација може да ги спречи варијантите. Според директорот за итни ситуации на СЗО, д-р Мајк Рајан, нема знаци дека новата варијанта на коронавирусот – омикрон, поуспешно ќе ги избегнува вакцините од другите соеви.
Со кју-ар (QR) кодот за вакцинација не се креираат информации за ,,социјален кредитен систем”
Не е вистина дека со кју-ар (QR) кодот генериран при вакцинација, се складираат информации за тоа колку сметки има оној кој се вакцинира, колку должи, дали поседува оружје, колкав е кредитниот рејтинг итн. Кју ар кодот содржи само податоци за примената вакцина, резултат од ПЦР тест и ништо повеќе.
Ковид-19 и грип не се исти болести
Грипот и ковид-19 се две заразни респираторни заболувања, тие се предизвикани од различни вируси, предизвикуваат различни компликации, имаат различни нивоа на сериозност како и различни нивоа на смртност. Грипот се појавува сезонски односно почнува наесен, а завршува напролет со тоа што во зимските месеци се забележуваат најмногу случаи. Коронавирусот досега имаше повеќе пикови, коишто немаат апсолутно никаква врска со временските услови. Аргумент којшто е надвор од секоја логика е дека бројот на заболени расте затоа што е зима и дека тоа потврдува дека станува збор за грип. Да, зима е кај нас како и на целата Северна полутопка, но не е зима на Јужната полутопка каде што, исто така, и има голем број на секојдневни заболувања со коронавирусот.