Омикрон не ги заразува исклучиво вакцинираните
Од извештајот на Центарот за контрола на заразни болести од САД, произлегува дека од 43 пациенти, 34 примиле две дози вакцина. Тоа значи дека останатите не примиле две дози, односно се невакцинирани. Оттука невистинито е да се тврди дека омикрон ги погодува ИСКЛУЧИВО вакцинираните. Случаите кои се потврдени со омикрон, се лица кои во најголем дел патувале и се заразиле надвор од САД. А како што знаеме, за да се патува, човек мора да биде вакциниран со две дози, бидејќи такви се барањата на повеќе држави. Оттаму, да се каже дека само вакцинираните се предмет на зараза со омикрон е погрешно и од причина што разгледаниот примерок од 43 пациенти, не само што е мал, туку е и составен од граѓани кои морале да бидат вакцинирани за воопшто да патуваат!
Нема докази дека вакцината предизвикува спонтан абортус, смрт и дека го менува генетскиот код
Во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без вакцинација или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Во врска со тврдењето дека вакцината е генетска, од досега презентираните официјални факти, познато е дека вакцините против ковид-19 не се генетска терапија затоа што тие не се дизајнирани да ги променат вашите гени.
Лага е дека политичари и фармацевтски гиганти од „Фајзер“ се осудени на доживотен затвор
Не само што директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, не е осуден за никакви злосторства врз човештвото, туку и во времето на наводната пресуда која никогаш не се случила, всушност станува добитник на престижната „Генезис“ награда за неговите напори во развојот на ковид вакцината. Наградата е 1 милион долари и се дава секоја година на лице за неговите професионални достигнувања, придонеси кон човештвото и посветеност кон еврејските вредности.
Не е точно дека СЗО не препорачува да се носат маски во училиштата
СЗО има донесено препораки за употребата на маски во училиштата и тоа за секоја возраст. Не е точно дека СЗО нема препораки за тоа дали децата во училиштата треба да носат маски, како што се сугерира во објавата што ја анализираме. Таквите препораки се присутни на повеќе места од порталот на СЗО, како и во официјални публикации издадени од страна на организацијата.
Не е точно дека за целосно вакцинирани во земјава се сметаат само граѓаните со примена трета доза вакцина
За целосно вакцинирани лица се сметаат граѓаните кои примиле две дози вакцини, а по втората доза поминале најмалку 14 дена, а не оние кои примиле трета (бустер) доза, за што впрочем говорат и извештаите на Институтот за јавно здравје и на Министерството за здравство.
Лага е дека дошол крај на короната во Америка
Не е вистина дека со прекинувањето на испраќање статистика за смртност од болниците до Одделот за здравство и социјални услуги на САД, настапил некаков крај на ковид-пандемијата. Напротив, омикрон варијантата е најдоминантна во САД и галопира. Тоа што една државна агенција веќе не бара да ѝ се доставуваат извештаи за болничка смртност од ковид-19, не значи дека таква евиденција не се води или дека не се доставува до Центарот за контрола и превенција на болести.
Не е вистина дека смртта кај пилотите се покачила за 1.700 отсто поради вакцинирањето
Во објавата се прави манипулација со бројките, односно се презентирани во погрешен контекст и второ неточно се тврди дека причината за смртта на пилотите е вакцинација. Во соопштението од списанието „Air Line Pilot“ велат дека бројките на починати лица кои се наведени дека се случиле во 2019 и 2020 година не се единствените што се случиле тие години, туку дека списанието сега ја добило информацијата за нивната смрт и затоа сега се објавени. Од списанието, исто така, велат дека и во 2019 и во 2020 година починале повеќе пилоти отколку во 2021 година.
Вакцините не се ѓаволски течности произведени од абортирани бебиња
Независно на кои вакцини се мисли во постот, на оние против коронавирусот или против други болести, неточно е тврдењето дека се прават абортуси за да се добијат вакцини. За да се направат некои од вакцините против ковид-19, при тестирањето и истражувањата биле користени фетални клеточни линии. Овие фетални клеточни линии не се земени од неодамнешни абортуси, туку потекнуваат од легални доброволни абортуси коишто се случиле пред неколку децении. Користењето фетални клетки за тестирање на ефикасноста и безбедноста на лековите е вообичаена практика, бидејќи тие обезбедуваат конзистентен и документиран стандард.